Град Скопје: Нема простор за паника, екипите на терен за справување со можното излевање на Вардар

Град Скопје е подготвен да се справи со можните излевања на реката Вардар и нема место за паника.

Екипите се на терен, се следи состојбата и се преземаат соодветни мерки.

Штабот за заштита и спасување на Град Скопје ќе дежура и во следните 24 часа во соработка со Регионалниот центар за управување со кризи.

Ова денеска на прес-конференција го изјави Емил Дуровиќ, началник на Штабот за заштита и спасување на Град Скопје.

Тој информираше дека по обилните врнежи што Скопје го зафатија во текот на изминатата ноќ, утрово се состанал Штабот за заштита и спасување на Град Скопје во кој членуваат претставници од градските власти, јавните градски претпријатија, Противпожарната бригада, МВР и од Регионалниот центар за управување со кризи.

- Денеска во утринските часови се покрена нивото на реката Вардар, а во делот на скејт-паркот реката се прелеа во главното корито. Нашите екипи веќе извршија увид на состојбата на теренот и утврдија три критични точки на потегот од скејт-паркот до мостот „Слобода“ кај „Холидеј ин“, потоа под зградата на ПИОМ во општина Аеродром и во Долно Лисиче, каде завршува регулацијата на реката Вардар, рече Дуровиќ.

Веќе се подготвуваат вреќи песок, а набрзо ќе се постават на критичните зони. Подготвени се и пумпи за исцрпување вода.

 

 

 

МИА

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега