Полициски службеник на Fаcebook: Чавков ни е млада невеста

Полициски службеник на социјалните мрежи изнесува детали од Истражниот затвор во Шутка за притворениот Митко Чавков.
Полицискиот службеник ја објавил фотографијата на една од групите на Facebook а под неа во коментари изнесувал и информации за однесувањето на Чавков во притворското одделение.

Од она што може да се види на неговиот профил на социјалните мрежи, станува збор за активист на СДСМ. Полицискиот службеник редовно објавувал содржини со политичка конотација и агитирал за сега владејачката партија преку социјалните мрежи.

МВР уште од почетокот на акцијата за приведување на осомничените за настаните на 27 април не излегло со никакви информации. Портпаролот на МВР, Тони Ангеловски и денеска не одговараше на својот телефон за да даде објаснување за последниот скандал кој изби во редовите на полицијата.

И Министерот Спасовски не е расположен за коментари.

 

Протекувањето на материјали и фотографии од и кон притворските одделенија може значително да влијае на истрагата. Ако полициски службеници можат да вадат фотографии од затворот, се поставува прашањето, зошто би имало проблем истите да им внесуваат материјали и информации на осомничените кои за да не влијаат во истрагата, судењето го чекаат во притвор.

Од друга страна, ваквиот начин на однесување на полициските службеници според правните експерти е класично попречување на истрагата што пак според Кривичниот законик на Македонија е кривично дело за кое се предвидени сериозни затворски казни.

На потег е внатрешната контрола на МВР која треба да утврди кој е полицискиот службеник кој на овој начин ја попречил истрагата и каква е неговата одговорност во овој случај.

 

 

 

30.11.2017 - 15:10

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега