Изречена последната пресуда на Хашкиот трибунал: Немало терор над муслимани во Мостар

Жалбениот совет на Хашкиот трибунал ги ослободи обвинетите во случајот „Прлиќ“ за злосторства над цивили во Мостар. 

Во тек е читање на дел од пресудата која се однесува на „здружено злосторничко дејствување и злосторство врз муслиманите во таканаречената Херцег-Босна“. 

Претседавачот со Жалбениот совет, судијата Кармел Агијус, кој воедно е и претседател на Трибуналот, рече дека Жалбениот совет, спротивно на мислењето на судијата Фауст Покар, заклучил дека уривањето на Стариот мост во Мостар било направено за воени цели, а не заради заплашување и тероризирање на цивилното население, на босанските муслимани.         

Жалбениот совет, спротивно на мислењето на судијата Покар, смета дека Стариот мост бил воена цел во моментот на нападот и неговото уништување.
        
Во досегашното читање на пресудата, Жалбениот совет одби поголем број од жалбите на обвинетите, додека прифати неколку жалби и во тие делови ја преиначи првостепената пресуда.     

Од заклучокот на Жалбениот совет на Трибуналот, кој ќе биде изречен во оваа одлука, зависи дали некогашниот државен врв на Хрватска, предводен од Фрањо Туѓман, ќе биде правосилно прогласен за одговорен за учество во заедничко злосторничко дејствување и злосторство над муслиманите во „Херцег-Босна“.

Судијата Агијус рече дека сега ќе се чита само резимето на пресудата, клучните моменти и заклучоците на Советот.
 
Поединечните обвиненија и казни ќе бидат прочитани на крајот од изрекувањето на пресудата, која се очекува за неколку часа.

Случајот „Прлиќ“ се води против шестмина високи функционери на таканаречената република „Херцег-Босна“ и Хрватскиот совет за одбрана (ХВО).

Станува збор за случај за кој со првостепена пресуда на Трибуналот во 2013 година шестмина поранешни високи функционери на таканаречената република „Херцег-Босна“ и Хрватскиот совет за одбрана (ХВО) се осудени на вкупно 111 години затвор поради злосторство над муслиманите во Босна и Херцеговина во рамки на „здружено злосторничко дејствување“, во кое учествувал и дел од политичкиот и воениот врв на Хрватска, вклучувајќи го и претседателот Фрањо Туѓман.
          
Во март оваа година, Обвинителството на Хашкиот трибунал побара од Жалбениот совет да им изрече двојно поголема казна и правосилно да ги осуди на вкупно 220 години затвор. 
        
Хашкиот трибунал претходно соопшти дека овој случај е „најголем и најкомплициран пред тој суд“.

Судењето почна на 26 април 2006 година, а Обвинителството заврши со претставување на своите докази од 2008 во 2010 година кога беа сослушани 249 сведоци.   

Одбраната своите докази ги претставуваше од 2008 до 2010 година кога беа сослушани вкупно 77 сведоци.

Пресудата, која е изречена на 29 мај во 2013 година, има повеќе од 2.600 страници, вклучувајќи и издвоени мислења на двајца судии. 

Оваа одлука ќе биде последна пресуда на Трибуналот, кој денеска ќе ја заврши својата 24-годишна работа.

 

 

 

29.11.2017 - 11:50

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега