Затвореник од Идризово лажел дека е газда на фирма и „закрпил“ кого стигнал

 

Столе Ѓуровски од Скопје, додека издржува повеќегодишна затворска казна во затворот „Идризово“ за неколку кривични дела, претставувајќи се како газда на фирмата „Сензорматик“ успеал да измами повеќе граѓани од Скопје, Велес, Битола.

Против Ѓуровски и против неговата ќерка Марија Ѓуровска до Основното јавно обвинителство во Скопје се поднесени кривични пријави за измама, а затвореникот Ѓуровски поради измами што ги извршил на граѓани од Битола бил пријавен и во СВР Битола. По барање на битолската полиција, одделот за економски криминал на СВР Скопје постапувал и по овие пријави.

Столе Ѓуровски, направил спогодба со затворот „Идризово“ дење да работи во фирма во градот, а попладне да се враќа во затворот и да спие таму. Затворската управа му прогледала низ прсти, па Столе дење бил „работно ангажиран“ во фирма што била основана во ноември минатата година, на име на неговата ќерка. 

Така, работејќи си во „своја“ фирма Столе наоѓал луѓе од повеќе градови во земјава, им се претставувал дека е газда на „Сензорматик“ фирма за продажба на клима уреди и опрема за видеонадзор и на тој начин земал разна стока која не ја плаќал.

„Газдата“ на „Сензорматик“ успеал да земе поголеми количини на пченица, пченка, сирење и други земјоделски производи кои никогаш не ги платил. Но, „газдата“ на ниту еден од измамените, на кои им раскажувал приказни за неговите фантастични бизниси  не им кажал дека издржува казна затвор во Идризово. На измамените им раскажувал дека е близок пријател со Љубе Бошкоски, па дури им нудел и телефон на Бошкоски ако им требал. 

Откако виделе дека се измамени за повеќе илјади евра, граѓаните го пријавиле случајот во СВР Скопје и СВР Битола и до ОЈО Скопје.

Ѓуровски и неговата ќерка се пријавени за измами. Управата за извршување на санкции и затворот Идризово ќе ја укинат согласноста за работно ангажирање на затвореникот Ѓуровски и тој треба да се врати зад решетки, а потоа ќе мора да се појави на суд да одговара заедно со неговата ќерка за новите измами што ги сторил.

29.08.2013 - 11:21

најчитано сега