„Четврток“ на Манчевски премиерно на Филмскиот фестивал во Венеција

Краткометражниот филм „Четврток“ на режисерот Милчо Манчевски денеска ќе има светска премиера на отворањето на Филмскиот фестивал во Венеција. Од утре филмот ќе може да се види на вебсајтот на Манчевски и на официјалната веб-страница на фестивалот.

Сценариото е на Манчевски, продуцент е Арон Левин, а во главната улога настапува младата актерка Лора Ласи.  Директор на фотографијата е Уна Ли, монтажер Питер Мостерт, а композитор на музиката е Игор Василев Новоградска. Филмот е снимен во Њујорк и е американска продукција.

Годинашниот, 70. Филмски фестивал во Венеција се отвора со двојна проекција: по прикажувањето на филмот „Gravity“ на Алфонсо Куарон ќе има проекција специјалниот проект „Future Reloaeded“ во чии рамки е и „Четврток“ на Манчевски.

„Future Reloaeded“ е специјален проект посветен на јубилејот на фестивалот.  Директорот на Фестивалот Алберто Барбера упати ексклузивна покана до режисери кои оставиле трага во историјата на фестивалот и во светската кинематографија, но и до неколку млади автори од идните генерации. 

Покрај Манчевски, со свои филмови се претставуваат и Бернардо Бертолучи, Ким Ки-Дук, Пол Шредер, Абас Киаростами, Валтер Салјес, Монте Хелман, Катрин Бреја, Клер Дени, Атом Егојан, Џејмс Франко, Ермано Олми, Амос Гитај, Жан-Мари Штрауб, Тод Солонц...

Манчевски го освои „Златниот лав“ за најдобар филм во Венеција во 1994 за „Пред дождот“, кога освои уште девет други награди, а неговиот филм „Прашина“ го отвори Фестивалот во 2001.

28.08.2013 - 14:28
Фото: 
нова македонија

најчитано сега