Православните христијани слават Голема Богородица - нека е за многу години!

 

Православните христијани денеска го слават еден од најзначајните верски празници Успение на Пресвета Богородица - Голема Богодорица.

Одбележувањето на празникот почна синоќа со вечерни богослужби и света божествена литургија во сите храмови на Македонската православна црква (МПЦ), а продолжува денеска со посета на верниците на црквите и манастирите што го носат нејзиното име. 

Богородица се смета за заштитник на сите христијани и на градот Скопје. Традиционално, масовен црковно-народен собир се одржува во манастирот во Долна Матка. Во манастирот во Матка, освен вечерна литургија, духовна академија, полноќно бдеење ќе има и културно-забавна програма.

Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов денеска по повод празникот ќе го посети Пробиштип, каде ќе присуствува на литургијата во црквата „Успение на Пресвета Богородица“, со која ќе чиноначалствува архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан и митрополитот брегалнички г. Иларион. 

 

 

Успение на Пресвета Богородица се слави на петнаесетиот ден од месец август (28 според новиот календар). Нему му претходи двонеделен Богородичен, или Преображенски пост. Овој празник го слави успението, воскресението и прославувањето на Пресвета Богородица, и нејзиното преселување во Царството Божјо во полнотата на нејзиното духовно и телесно постоење.

 

Според црковното предание, Богородица го завршува својот живот тивко и мирно без никакви болести и страдања и по смртта на нејзиниот син Господ Исус Христос, таа честопати се молела заедно со апостолите Господ Бог да ја земе нејзината душа и да ја пресели на небото. Доживеала длабока старост. За време на една молитва во Леонската Гора, светиот Архангел Гаврил и' се јавил и и' рекол дека за три дни ќе се пресели од овоземниот во небесниот живот. Таа му ја кажала веста на свети апостол Јован, кој, пак, требало да се грижи за неа до крајот на нејзиниот живот. Свети апостол Јован ја објавил веста, која бргу се проширила и сите доаѓале кај Пресвета Богородица да и' оддадат почит додека се' уште е жива. Сево ова се случувало во куќата на светиот апостол Јован каде што Богородица му ја предала својата душа на Господ Исус Христос. Била опкружена со голем број ангели и архангели. Се создал шум и голем облак, а пристигнале сите апостоли да и' оддадат чест. Меѓу нив не бил само светиот апостол Тома, по божја промисла. Тој бил далеку од другите апостоли, бидејќи го проповедал христијанството. Богородица првин легнала на одарот и во тоа време во целосна светлина дошол Господ Исус Христос, а таа станала и рекла: „Душата моја го велича Господа и духот мој се зарадува во него“. Веднаш потоа повторно легнала и заспала.

Кога Пресвета Богородица им се јавила на присутните во својот гроб, во нејзина целосна слава и величина, тогаш тие поверувале дека таа од ангелите божји е воздигната од земјата на небото во придружба на голем ангели и архангели, серафими, херувими и светители. Тоа е преминот од земното кон небесното царство, односно од земниот кон вечниот живот. 

28.08.2013 - 10:14

најчитано сега