Еве со кои фудбалери ќе настапи Јаневски за мечевите со Велс и Шкотска

Стратегот на македонската сениорска фудбалска репрезентација го објави списокот на играчи со кои ќе настапи за мечевите со Велс и Шкотска во квалификациите за Мундијалот во Бразил во 2014 година Пред новинарите ќе се обрати на 2 септември во хотелот „Александар Палас“ каде и официјално ќе се јават 22 фудбалери. 

Селекторот на фудбалската репрезентација на Македонија, Чедомир Јаневски денеска го објави списокот на играчи на кои ќе смета, за претстојните натпревари против Велс и Шкотска кои се дел од квалификациите за Светското првенство во Бразил 2014 година.

- Не очекуваат исклучително важни и тешки натпревари. Против Велс и Шкотска започнува нашата битка за подобар пласман во квалификациите, имаме шанса за трето место во групата и тоа е доволен мотив за сериозен пристап во двете пресметки. Најголем дел од играчите беа на списокот и на пријателскиот натпревар со Бугарија.  Повикавме 22 играчи, во неполна седмица не очекуваат два натпревари, а наша тенденција е на секоја позиција да имаме по двајца фудбалери за да се заштитиме од евентуални повреди или суспензии поради картони. Во тимот се враќаат Грнчаров, Тасевски и Лазески. Повеќето од фудбалерите веќе се во натпреварувачки ритам и сметам дека квалитетно ќе одговорат на повикот, изјави селекторот Чедомир Јаневски.

За противниците селекторот Јаневски се задржа на првиот противник репрезентацијата на Велс.

- Ситуацијата во нашата група е прилично комплицирана, нашата цел е да го подобриме пласманот и затоа подготовките и сериозноста во пристапот се многу значајни за нас.  Велс е сериозна репрезентација, исклучително квалитетна и борбена, селекција која  „бега“ од типичниот, островски начин на игра.  Имаат неколку фудбалери од Премиер лигата, го имаат Гарет Бејл, веројатно се враќа  Белами и мораме да ги респектираме, но ќе повторам, пристапот и нашата желба е најважна. Се надевам дека ќе добиеме и голема поддршка од навивачите, рече Јаневски.

И на двата натпревари репрезентацијата на Македонија ќе ја има улогата на домаќин, односно ќе игра на националната арена „Филип Втори’’ во Скопје. Првиот против Велс е на 6 септември во нов термин  од 19 часот, а дуелот со Шкотска ќе се играат на 10 септември од 20 часот и 30 минути.

На списокот на селекторот Јаневски се следниве фудбалери:

Голмани:
Томе Пачовски (Мехелен, Белгија), 
Дарко Тофилоски (Кошице, Словачка), 
Кристијан Наумовски (Динамо Букурешт, Романија).
 
Одбрана: 
Бобан Грнчаров (Ботев П., Бугарија), 
Стефан Ристовски (Латина, Италија), 
Николче Новески (Мајнц 05, Германија), 
Ванче Шиков (Волин, Украина), 
Александар Лазевски (Говерла, Украина), 
Даниел Георгиевски (Стеауа Букурешт, Романија), 
Даниел Мојсов (Бран, Норвешка), 
Даниел Ивановски (Мјалби, Шведска).

Среден ред:
Остоја Стјепановиќ (Висла Краков, Полска), 
Дарко Тасевски (Кирјат Шмона, Израел), 
Никола Глигоров (Хазар Ланкаран, Азербејџан), 
Давид Бабунски (Барселона Б, Шпанија), 
 
Напад: 
Иван Тричковски (Васланд Беверен, Белгија), 
Горан Пандев (Наполи, Италија), 
Мирко Ивановски (Астра, Романија), 
Агим Ибраими (Марибор, Словенија), 
Александар Трајковски (Зулте В., Белгија), 
Адис Јаховиќ (Вил, Швајцарија), 
Јован Костовски (Леувен, Белгија).

најчитано сега