АИ: УНМИК не ја истражи судбината на исчезнатите Срби на Косово

Организацијата за заштита на човековите права „Амнести интернешанал“ (АИ) денеска укажа на неуспехот на мисијата на ОН на Косово (УНМИК) во истрагите во врска со судбината на цивилите, главно Срби, кои исчезнале за време на војната на Косово во 1998 и 1999 година.

Експертот на АИ по прашањето за Косово, Шан Џонс изјави дека „тоа што УНМИК не ја спровел истрагата во врска со многубројните и систематски напади врз цивили, како и можните злосторства против човештвото, придонело на Косово да се создаде клима на неказниви злосторства“, пренесува Танјуг.

Во најновиот извештај на АИ, кој ќе биде претставен пред дебатата за Косово во Советот за безбедност на ОН в четврток, се наведува дека роднините на исчезнатите, главно етнички Срби, поднеле околу 150 жалби во кои тврдат дека УНМИК „не ги истражил киднапирањата и подоцна убиствата на нивните најблиски“.

Во многу случаи УНМИК нема „изнесено никакви докази дека истрагата воопшто била спроведена“.

Повеќето случаи, наведени во извештајот, се однесуваат за киднапирања на косовски Срби од страна на албанските сепаратисти од Ослободителната војска на Косово (ОВК), но АИ, исто така, укажува дека не се истражени ниту наводните киднапирања на Албанци од страна на Србите. 

27.08.2013 - 09:33

најчитано сега