На 11.000 Руси им се закануваат големите поплави

 

Повеќе од 11.000 лица се загрозени од поплавите во руската област Хабаровск, а за борба против водената стихија се ангажирани 1.600 технички единици.

Се градат заштитни инсталации, чија должина е веќе над 17 километри, од кои 11 километри во Хабаровск, соопштија локалните власти. Поплавени се повеќе од 39 населени места.

Нивото на реката Амур денеска достигна 735 сантиметри. Доколку водостојот се искачи на 740 сантиметри, тогаш ќе бидат поплавени уште 39 станбени згради во Хабаровск и шест во Комсомолск на Амур.

- Нивото на реката Амур продолжува да се зголемува. Максималната можна висина е 7,8 метри, соопшти руското Министерство за вонредни ситуации.

Од загрозените места во Хабаровската област се евакуирани 2.209 лица. Поставени се четири пункта за времен престој со капацитет за околу 11.000 луѓе, но моментално во нив има само 180 лица, бидејќи останатите нашле засолниште кај роднини и пријатели.

Со поплавите низ улиците на Хабаровск дневно се борат над 500 доброволци, од кои поголемиот број се студенти. 

27.08.2013 - 09:00

најчитано сега