НАТО прифаќа Србија да биде воено неутрална

 

НАТО го прифаќа определувањето на Србија да биде воено неутрална. Во тоа нема ништо спорно и не претставува пречка за развој на соработката со Србија во бројни области, изјави денеска заменикот-генерален секретар на НАТО Роуз Готемелер на средбата со српскиот претседател Александар Вучиќ.

На средбата во Белград, Вучиќ и Готемелер разговараа за меѓусебниот политички дијалог, облиците на практична соработка и претстојната средба на Вучиќ и генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг.

Вучиќ потенцира дека Србија е воено неутрална земја, без намера да го менува тој статус. Сепак, Белград останува цврсто определен да соработува со Алијансата во рамките на Партнерството за мир, со цел зачувување на трајниот мир и безбедност во регионот.

Српскиот претседател нагласи дека е исклучително важно НАТО и натаму да задржи принципиелен и статусно неутрален однос кон Косово. Тој истакна дека за Србија, НАТО е неизоставен фактор на регионална стабилност, а КФОР многу важен фактор на безбедноста и опстојувањето на српската заедница во Косово.

Тема на разговорите била и реализација на иницијативата за користење на доверителен фонд за деминирање и уништување касетни бомби во Србија, кој ќе биде реализиран со помош на холандската Влада.

 

 

 

12.10.2017 - 22:20

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега