Коце Трајановски: Продажбата на Топлификација е еден од директните причинители за загадувањето на Скопје

 


Предизборни интервјуа на кандидатите за градоначалници. Во предизборниот период Прес24 побара интервјуа со најголем дел од канидатите за градоначалници во скопските општини,  но и од останатите градови. Интервјуата ќе бидат објавувани согласно динамиката на одговори на кандидатите.

Press24: Како актуелен градоначалник на Скопје, често Ве обвинуваат како еден од највиновните за високата загаденост на воздухот во Скопје? Како одговарате на овие обвинувања и што направивте како градоначалник за надминување на овој проблем?

Трајановски:  Проблемот со загадувањето на воздухот е сериозен проблем со коишто се соочува Скопје и за негово надминување треба да се вклучат сите општествени и државни чинители.
Градот Скопје, во рамките на своите ингеренции, изминативе неколку години реализира серија на активности и проекти за надминување на оваа состојба, како што е набавката на 300 нови автобуси со ЕУРО 4 и ЕУРО 5 мотори, изградбата на над 30 километри на нови велосипедски патеки и вело-инфраструктура, доделувањето на субвенции за набавка на повеќе од 2.600 велосипеди, промоцијата на електро мобилноста, изградбата на нови паркови и зелени површини на повеќе од 300.00 метри квадратни, засадување на повеќе од 250.000 нови садници, субвенции за набавка на печки на пелети и многу други. Во мојата изборна програма за наредните 4 години предвидени се голем број на конкретни проекти за борба со загаденоста на воздухот, проекти кои ги опфаќаат сите главни сфери, како што се парковите и зеленилото, сообраќајот и загревањето.

 

Во однос на критичарите и тие кои кон мене го вперуваат прстот, морам да кажам дека добар дел од нив не ја познаваат проблематиката, дел од нив не ги познаваат ингеренциите на градоначалникот на Скопје,а  дел од нив немаат никакво право и образа да бараат одговорност за ова прашање, ако се земе во предвид нивното учество во самиот проблем.

Press24: Вашите политички противници и дел од јавноста Ве обвинуваат за недостаток на конкретни мерки за борба против загаденоста на воздухот. Дали се согласувате со овие забелешки и дали сметате дека истите се точни?

Трајановски: Секогаш може и се сака да се направи повеќе, но како институција ние сме ограничени во однос на нашите ингеренции, но и нашите можности. Околу тоа што направивме изминатиов период, одговорив во претходните прашања, но она што навистина ми е тешко да го сфатам и прифатам е со кој образ, луѓето чии постапки не доведоа до ова дереџе денеска без грам срам се претставуваат како експерти и спасители.

Постапките на СДСМ во минатото директно влијаеја на загаденоста на Скопје, како и на оневозможувањето за  преземање на посериозни чекори, пред се во полето на затоплувањето.

Греењето на домовите е најголем причинител на загаденоста на воздухот во Скопје, и претставува една третина од проблемот.

 

СДСМ ја продадоа Топлификација во деведестетите години.  До денеска од мрежата се имаат исклучено 12.500 домаќинства. Тоа се домаќинства кои наместо на оваа мрежа за загревање, изминативе години се греат на други начини, дрва, јаглен, мазут... Дополнително, напуштањето на овие домаќинства од системот на Топлификација придонесе за поскапување на цената на парно греењето во Скопје, а со тоа во континуитет се стимулираат граѓаните да го исклучуваат парното и да ги загреваат своите домови со овие понееколошки методи.

Второ, СДСМ со продажбата на Топлификација, придонесе да не се зголеми топловодната мрежа во Скопје, да не се зголемува бројот на корисници кое ќе имаше двоен бенефит: пониска цена на парното и помало загадување на воздухот во Скопје. Погледнете ги сметките на греење

Значи СДСМ со нивните одлуки и постапки не само што го уништи системот за затоплување и ја предизвика во голема мерка сегашната состојба со загаденоста, истата истовремено и во голема мерка ни ги намали можностите за делување во оваа област.

Press24: Многу од Вашите критичари бараа и поголемо влијание на состојбава преку разни рестрикции во сообраќајот, воведување пар-непар, бесплатен автобуски превоз...

Трајановски: Слично како и со затоплувањето и Топлификација, истото може да се каже и за сообраќајот, кој е вториот најголем причинител на загадувањето на воздухот. Системот на јавниот сообраќаен превоз е голем дел од целокупниот сообраќај и квалитетот на јавниот сообраќај детерминира многу нешта.

СДСМ го упропастија ЈСП-Скопје и јавниот превоз во Скопје. Во нивно време возниот парк на ЈСП пропадна, старите автобуси –крнтии се распаѓаа на улиците... Овие автобуси не само што чуреа и го загадуваа воздухот, туку нивната катастрофална состојба и мизеријата која преставуваше ЈСП-Скопје, придонесоа за колапс на јавниот сообраќаен превоз, губење на довербата на жителите во овој превоз и престанување на користење на услугите на ЈСП. Скопјани наместо со автобус, почнаа далеку помасовно да се користат со лични возила, а старите автобуси и понатаму го загадуваа Скопје.

Откога јас сум градоначалник во ЈСП се случи вистинска револуција во квалитетот на услугите коишто ги дава ова јавно претпријатие, каде овие 8 години успеавме да го стабилизираме претпријатието, со нови автобуси, на кадров и финансиски план, за сега истото да е на здрави нозе и одлично да функционира.

Во однос на новата програма, Градот Скопје и во иднина ќе продолжи да ја поддржува работата и модернизацијата на ЈСП-Скопје, преку проектот за набавка на електрични автобуси, продолжување на субвенциите за бесплатниот превоз за возрасните лица, средношколците и многу други категории на лица

 

 

 

09.10.2017 - 11:09

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега