Потпишан конечниот извештај за настаните од 24. делкември

Ад-хок комисијата денеска го потпиша конечниот извештај за настаните во Собранието на Македонија на 24-ти декември минатата година.

Денеска во Клубот на пратениците свои потписи на извештајот ставија претседателот на комисијата Борче Давитковски и нејзините членови од ВМРО - ДПМНЕ Илија Димовски и Благородна Дулиќ и од СДСМ Љубомир Фрчкоски и Рената Десковска Треневска.

Премиерот Никола Груевски синоќа откако СДСМ ги отфрли двете понудени опции за извештајот и за предвремени парламентарни избори, соопшти дека ВМРО - ДПМНЕ донесе одлука во интерес на државата и по цена на сопствена штета да гласа и да потпише извештај на ад хок Комисијата каков што сака СДСМ. 

- Нека ги напишат нивните правни квалификации на кои застанавме, и ако тоа ги исполнува, не со надгласување, туку ние ќе им ги изгласаме заедно со нив. Ако ним не им е важен интересот на Македонија, нам ни е важен. Се разбира за нас и за најголемиот дел од граѓаните во Македонија тие правни квалификации нема да се ниту валидни, ниту се согласуваме со нив, нагласи Груевски.

Тој додаде дека во интерес на државата како партија со најголема доверба од народот и партија која неслучајно седум пати по ред ја добива довербата на мнозинството граѓани, како што рече: „ќе подметнеме грб и се ќе изгласаме и се ќе им потпишеме“.

Претходно, премиерот Груевски предложи СДСМ да си изгласа каков било извештај од Комисијата, кој ќе биде партиски. Втората алтернатива беше да се оди на предвремни избори на 13 октомври.

СДСМ вчера ги отфрли двете опции што ги понуди премиерот Груевски. Заменик претседателот на СДСМ, Радмила Шекеринска го повика ВМРО-ДПМНЕ да се согласат со формулацијата за прекршување на Уставот со исфрлање на новинарите од собраниската галерија. Што се однесува до изборите, таа посочи дека, обврска од мартовскиот извештај е создавање фер претпоставки за изборен натпревар.

- Презедовте обврска за усогласување на изборното законодавство со препораките на ОБСЕ/ОДИХР и за прочистување на избирачкиот список. Тие обврски не ги реализиравте, рече Шекеринска, додавајќи дека ако денеска се распушти Собранието на РМ, СДСМ ќе ги искористи сите демократски средства кои и стојат на располагање.

Ставот на Демократската унија за интеграција (ДУИ) е дека предвремени парламентарни избори не се решение за предизвиците со кои се соочува државата и за проблемите на граѓаните на Република Македонија. Но, доколку ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ се договорат за таква опција тие се подготвени.

26.08.2013 - 12:34
Фото: 
миа

најчитано сега