Бајрактаров: Мојата визија во оваа изборна кампања е модерна и чиста Струмица

 

Струмица е доволно пространа да ја наречеме голем град, истовремено доволно мала за пријатен и безгрижен живот. Таа е меѓата на која еснафскиот дух на луѓето е во нераскинлива врска со природното наследство. Мојата визија во оваа изборна кампања е модерна и чиста општина со која ќе се идентификуваат и помладите и постарите. Време е да се постават стандардите на нова ера. Ќе се залагаме за рамнотежа на градбите и зеленилото и ќе работиме на еднаков развој на градот и населените места и паметно управување со нашиот заеднички животен простор.

Ова денеска го изјави кандидатот за градоначалник на општина Струмица од ВМРО-ДПМНЕ, Марјан Бајрактаров, додавајќи дека за младите ќе создадат услови да напредуваат и работат во сопствената општина, како и оти високо ќе ја цени и почитува стручноста и квалитетните луѓе ќе бидат поставени на вистинските места.

 

-Ќе ги зголемиме хигиенските стандарди и технички ќе ги опремиме градинките и училиштата. Активно ќе го поттикнувам развојот на нови индустриски капацитети и иновативните бизниси. Капитални проекти кои ги предлагам во програмата за овие локалните избори за општина Струмица се: Современ градски пазар на површина од 30.000 м2 со модерни продажни места и голем паркинг-простор. Реконструкција на градскиот плоштад и на ул. Благој Мучето, која ќе опфати замена на гранитните плочки со нови, кои ќе бидат поставени на бетонска подлога за разлика од сегашните кои се поставени на песочна подлога. Унапредување на енергетската ефикасност на колективните станбени згради, Општината ќе субвенционира комплетни енергетско ефикасни фасади за станбените објекти постари од 40 години, најави Бајрактаров.

Истакна дека во неговата предизборна програма предвидена е изградба на спортско-рекреативен комплекс на реката Тркања.

-На влезот на градот Струмица кај река Тркања, ќе се изгради спортско-рекреативен комплекс, наменет за сите генерации. Комплексот ќе вклучува: пешачка патека, велосипедска патека, скејт-парк, летниковци, урбана опрема и други придружни елементи. Реконструкција и уредување на поројниот канал „Крушевска Република“, и облагородување на околниот простор со хортикултурно уредување, поставување на клупи, огради и канделабри. Изградба на три нови детски градинки. Општината ќе изгради три нови детски градинки во Струмица, во с. Куклиш и во с. Муртино. Булеварско решение на ул. „Климент Охридски“ на потегот од „Жито Струмица“ до излезот на градот кон Валандово. Предвидено е проширување со уште две ленти со околни тротоари, најави кандидатот за градоначалник.

Бајрактаротв вели дека предвидена е и изградба на нов булевар на потегод од улицата „Братство и единство“ покрај автобуската станица и Агроберзата и поврзување до обиколниот пат Струмица – Ново село.

-Изградба на терени за тенис со современа подлога согласно со стандардите на Светската тениска асоцијација, како и целосно инфраструктурно поврзување со осветлување за ноќни натпревари, пристапни патеки и жичана ограда. Денес, најавувам уште еден проект, а тоа е бесплатен приклучок на гасоводната мрежа. Општината целосно ќе го субвеницонира приклучокот и со тоа ќе се намали загадувањето и ќе ја потврди нашата заложба за чиста еколошка средина. Почитувани граѓани, ние заслужуваме повеќе од она што денес е Струмица. Подготвен сум да го вложам сиот авторитет и  капацитет заедно да ја направиме нашата општина пријатно место за живеење. Од Струмица ќе започне новата ера за подобро утре, нагласи Бајрактаров.

 

 

 

30.09.2017 - 12:52

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега