Груевски: На 15-ти октомври народот ќе го запре помрачувањето со една силна доверба кон ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата

 

На локалните избори на 15 октомври победник ќе биде ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „За подобра Македонија“. Веќе четири месеци живееме во едно време на помрачување, четири месеци народот има можност да направи споредба како беше претходно, како се работеше претходно кога секогаш мислевме на работа и работевме и секогаш бевме за Македонија и овозможувавме работа и како е денес, истакна претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски на вечерашниот митинг кој Коалицијата „За подобра Македонија“ го одржа во Карпош.

-Брзо увидовме дека овие кои ги донесоа на власт, не можам да речам дека народот ги донесе, сите знаеме кој, како и зошто ги донесе, се виде дека не ги бива. Нема да направат ништо како што не прават ништо во овој период. Беснееја со разни непромислени изјави дека се ќе рушеле што сме граделе, ги запреа автопатите, ја заглавија економијата, за тој период ние седнавме и направивме една нова визија за Македонија. Тие се донесени да завршат некои работи и потоа пак ВМРО-ДПМНЕ ќе дојде и ќе ја предводи државата напред, вели Груевски.

 

Тој додава дека направиле стратегија за наредната декада во Македонија, наречена „Нова ера“.

-Време во кое ќе се работи, ќе се мисли на народот и на Македонија. Најмногу посветивме внимание на економијата, невработеноста, нискиот стандард, квалитетот на живот…Ние, кои во минатата декада отворивме 173.000 нови работни места, оценивме дека може да бидеме сигурни и да ветиме дека во наредната декада ќе се отворат најмалку 150.000 нови работни места и имаме кредибилитет тоа да го ветиме. Во наредната декада растот на економијата ќе биде четири проценти повеќе од БДП и тоа ќе придонесе за преполовување на невработеноста кај младите луѓе и намалување на севкупната невработеност под 10%. Државата во 2006-та ја наследивме со безмалку 40 проценти невработеност, ја оставивме сега на 22,5% невработеност. Планот ни е до крајот на наредната декада да дојдеме под 10 проценти невработеност како во најголемиот дел на развиени држави, вели претседателот на ВМРО-ДПМНЕ.

Груевски посочи дека со новата стратегија предвидуваат сиромаштијата, до крајот на наредната декада во Македонија да се намали за три четвртини.

-Работевме на сите сектори, на здравството, на образованието, на екологијата. Во образованието предвидуваме во наредната декада, најмалку еден универзитет во Македонија да биде квалификуван во првите 200 универзитети во светот според Шанхајската листа, додека нашите основни и средни училишта да се квалификуваат во првата половина на листата на Пиза. Тие се занимаваа како да го искажат својот гнев, бараа по документи да кажат кој министер што вечерал, бараа начин како нас да не оцрнуваат и да не прикажат за нечесни, ја запираа градбата на училиштата, на автопатиштата, го излеваа гневот насобран од 10-те порази кои ги имаа во минатите 11 години кои им дојдоа од народот, и ако народот се прашуваше сега ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата ќе беа на власт. Народот го виде тоа и знае дека ова помрачување може да си замине само со одлучна акција на народот на денот на изборите. На 15-ти октомври народот ќе го запре помрачувањето со една силна доверба кон ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата, дециден беше Груевски.

 

 

 

 

29.09.2017 - 22:04

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега