Трајановски: Нашите резултати сведочат за посветеноста кон работата, за соработката и отчетноста, затоа ја имаме довербата од граѓаните
Само работата и трудот говорат за една личност и за еден тим. Резултатите сведочат за посветеноста кон работата, за соработката и отчетноста. Сакам да потенцирам дека на 15 октомври имаме локални избори и затоа повикувам да се насочиме на програмите на градоначалниците, на нивната работа и на нивниот отчет на сработеното. ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „За подобра Македонија“ е партија која, она што го ветува и го исполнува, истакна актуелниот и кандидат за градоаначлник на Град Скопје од ВМРО-ДПМНЕ на вечерашниот митинг одржан во Карпош.
Трајановски истакна дека тие како кандидати за градоначалници, ја добиваат довербата од граѓаните за да бидат во нивна служба.
-Од досегашното мое искуство во локалната самоуправа нема многу политика, има многу работа – градење сообраќајни коридори, водоводи, фекални канализации, паркиралиштап, паркови, плоштади, …Граѓаните својата доверба ни ја даваат токму затоа, со конкретни зафати да ги подобриме условите во кои што живеат, а не да водиме политика и да кажуваме приказни. Работата го одликува човекот затоа и нашиот слоган, во потполност ги оправдува нашите заложби за кои вие ја давате довербата, секогаш работа -секогаш Македонија. Денес, стојам гордо пред вас со гордо крената глава, заради тоа што зад себе имам дела, проекти кои доволно зборуваат за мојата посветеност. Но, тие дела тешко ќе можеше да бидат сработени ако немавме партнерски одличен однос и со градоначалниците на сите скопски општини, нагласи Трајановски.
Тој истакна Стевче Јакимовски несомнено е еден од поуспешните градоначалници во Скопје, кој неуморно ги пресретнувал и решавал проблемите на граѓаните во општина Карпош.
– Стевче е навистина вреден и неуморен градоначалник, кој е докажан во својата средина. Тој го направи Карпош подобро место за живеење со асфалтирање скоро на сите улици, со правење на плоштади, со правење и одржување на паркови, со обнова на голем број на фасади…Затоа жителите на Карпош треба повторно да му ја дадат довербата на Јакимовски. Луѓето честопати забораваат каква била претходната состојба во градот, бидејќи брзо се навикнале на новата, на подобрената состојба. Во изминативе осум години, на територијата на општина Карпош, проширени се голем број булевари и улици: булевар „Митрополит Теодосиј Гологанов“, булевар Илинден, улица „Манапо“. Нов коловоз добија и: булевар „Партизански одреди“ во должина од 900 метри, улица Козле – 1.300 метри, краци на кружен тек кај Порта Влае – 262 метри. Изграден е кружен тек на булеварот „Партизански Одреди“, кај Порта Влае, кој го намали сообраќајниот метеж помеѓу општина Карпош и Ѓорче Петров, вели тој.
Трајановски посочи дека од 2009 до 2017 година во Скопје, на територијата на Општина Карпош, се изградени велосипедски патеки со вкупна должина од 11 километри, како дел од проектот Скопје Вело Град.
-Изградени се нови водоводни, фекални и атмосферски канализации. Изграден е паркот Македонија еден, два и три долж бул. Митрополит Теодосиј Гологанов на вкупна поврешина од 70.000 квадратни метри, вели Трајановски.
Кандидатот за градоначалник на Град Скопје нагласи дека за прв пат се реализираа проекти во сите 10 скопски општини, без разлика на политичката припадност на локалниот градоначалник, без разлика на мнозинската етничка припадност, без разлика дали населбите се урбани или рурални.
-Оваа програма која ја имаме изготвено за изборите е правена заедно со стручни луѓе од сите области, заедно со граѓаните на Скопје. Заедно со општините, со секој градоначалник во секоја општина, заедно со идниот градоначалник на Карпош, Стевче Јакимовски. Ова е доказ дека започнува нова ера на уште поголем напредок во Карпош и во Градот Скопје. Ова е доказ дека знаеме како да работиме, во која насока да одиме и дека ќе имаме резултати, вели Трајановски.
Тој наброи дел до проектите кои се планирани за Општината во периодот 2017-2021 година.
-Ќе изградиме турбо кружен тек кај Хубо Маркет, за да го растеретиме сообраќајот на ова тесно грло. Ќе изградиме надпатник на Момин Поток на бул„ Никола Карев“, со тоа ќе се растерети сообраќајот, ќе ги реконструираме ул.„ Ацо Шопов“, ќе ја реконструираме ул „Љубљанска“, ќе ја реконструираме ул „Московска“. Ќе работиме на довршување на систем втора јужна висока зона преку населба Козле до резервоар Жданец за граѓаните да немаат проблем со водоснабдувањето. Ќе изградиме фекална мрежа по бул. „Партизански Одреди“ – 2 фаза од ул „Московска“ до мост на Обединети нации, нагласи Трајановски.
Тој потенцираше дела во духот на проекти за зелен град и нови парковски површини со цел да придонесат за намалување на загадувањето на воздухот ќе изградат нов Парк во општината по должината на реката Вардар.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа