Трајановски: Кај мене нема многу политика, кај мене има многу работа, во минативе 8 години направивме многу за Скопје
На првиот митинг на ВМРО-ДПМНЕ денеска во скопски Бутел, пред бутелчани се обрати и актуелниот и кандидат за иден градоначалник на Скопје Коце Трајановски. Тој им се заблагодари на граѓаните кои во голем број дошле да дадат поддршка на ВМРО-ДПМНЕ.
-Работите говорат за една личност, резулатите сведочат за посветеноста кон работата, за соработката и за неговата отчетност. Сакам да потенцирам дека на 15-ти октомври ќе извојуваме една голема победа на овие локални избори и ве повикувам масовно да излезете, но претходно да ги погледнеме и да се насочиме кон програмите на градоначалниците и нивната работа и нивниот отчет после сработеното, а не да се насочиме кон обвинувања и клевети, изјави Трајановски.
Тој кажа дека ВМРО-ДПМНЕ е партија која што го исполнува она што го ветува, дека нивниот збор е нивна обврска и дека тие од дадениот збор не отстапуваат.
-Од досегашното мое искуство во локалната самоуправа можам да кажам нешто што и вие многу добро го знаете, кај мене нема многу политика, има многу работа, многу градење, сообраќајни коридори, водоводи, фекални канализации, паркиралишта, паркови и што уште не. Граѓаните својата доверба ни ја даваат токму затоа, за конкретни зафати, да ги подобриме условите во кои живеат, а не само да водиме политика, во која и ден денес гледаме луѓе кои нонстоп зборат со празни зборови и фрази и сакаат да ве излажат, а ништо не работат. Ние не сме такви и затоа пред вас излегуваме со конретна програма со која ќе ја побараме вашата доверба, изјави Трајановски.
Тој напомена дека како роден скопјанец одлично го познава Скопје, дека работи посветено за да ги намали неговите недостатоци и дека работи на неговите предности.
-Секојдневно живеам со проблемите со кои се соочуваат жителите на Скопје и вие знаете дека сум постојано достапен до вас или за вас, за граѓаните на Бутел, за граѓаните на Скопје. На локалните избори 2009 и 2013, вие почитувани граѓани на Бутел и на градот Скопје, ми ја дадовте довербата да бидам градоначалник на Скопје, тоа за мене огромна чест, но и голема одговорност, да го исполнам ветеното кое беше упатено до вас. Денес ви упатувам искрена благодарност и вам жителите на Бутел кои исто така ми дадовте огромна поддршка во 2009 и 2013 година, изјави Трајановски.
Тој напомена дека денеска може гордо да стои пред граѓаните бидејќи позади себе остава проекти кои доволно може да говорат за него. Кажа дека се реализирани проекти кои го смениле ликот на Скопје, ја подобритле функционалноста и хигиената на градот.
-Бутел е општина која има урбан и рурален дел, Бутел е симбол за мултиетнички соживот и разбирање, Бутел е општина на млади луѓе. Не се сомневам дека така ќе остане и така ќе се развива во иднина, изјави Трајановски.
Тој наброја дел од капиталните проекти кои се реализирале преку градот Скопје во оваа општина. Како што се изградба на многу улици, атмосферски канализации. Тој кажа дека поради програмата која што ја има тој и програмата која што ја има и Дарко Костовски ја бараат довербата од граѓаните.
-Оваа програма е правена со вас, заедно со стручни лица од сите области од градот Скопје, заедно со општините и секако заедно со идниот градоначалник на Бутел Дарко Костовски, изјави Трајановски.
Тој напомена дека Скопје бил град со тесни улици, со катастрофална хигиена, а сега е прераснат во град полн со туристи, град на младите, град на велосипедски сообраќај и уште многу други работи.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа