Сопругата и синот на Милошевиќ нема да бидат помилувани

 

Кабинетот на српскиот претседател Томислав Николиќ ги демантира тврдењата дека сопругата и синот на поранешниот југословенски претседател Слободан Милошевиќ ќе бидат помилувани, пишува српскиот весник „Блиц“. 

- Такво нешто засега не е во план. Доставено е само барање за помилување од неополномоштени лица, кое нема правна вредност, изјавија за весникот претставници на кабинетот на претседателот. 

И покрај сомневањата дека сопругата на Милошевиќ, Мира Марковиќ и неговиот син, Марко Милошевиќ живеат од пари, кои ги изнеле од Србија во ’90-те години од минатиот век, финансиската истрага против нив се уште не е завршена. 

Според адвокатот Божо Прелевиќ, поранешен помошник-министер за внатрешни работи од Демократската опозиција на Србија (ДОС), ниту една посериозна истрага против семејството Милошевиќ и нивните најблиски соработници не е завршена. Според него за сето тоа се одговори поединечни луѓе од ДОС, кои зеле пари за да ги стопираат процедурите. 

- Процесот против Борка Вучиќ, кој беше идеен творец на изнесувањето пари од Србија и покрај тоа што беше покренат уште од претходната Влада се уште не е завршен. Доколку овој процес завршеше ќе се дознаеше од му каде се парите на семејството Милошевиќ, изјави адвокатот за „Блиц“. 

Мира Марковиќ и Марко Милошевиќ се под истрата од српското обвинителство за организиран криминал за шверц за цигари во ’90те години и во врска со оваа истрага е издадена меѓународна потерница за апсење на Марко. Против Мира Марковиќ исто така е издадена потерница за апсење, поради тоа што не се појавила пред суд во процесот за незаконско делење станови од Фондот на Србија, започнат уште во 2001 година.

Сопругата на Милошевиќ ја напушти Србија во февруари 2003 година и оттогаш е недостапна за српските правосудни органи. Во 2006 година таа и Марко добија статус на бегалци во Русија.

23.08.2013 - 09:06

најчитано сега