Комисијата денеска треба да најде решение за 24. декември

Во полн состав се очекува денеска ад хок Комисијата на седница да ги донесе заклучоците за расчистување на настаните од 24-ти декември.

Според Борче Давитковски, претседател во оставка на Комисијата, има поместувања во позициите на двете страни и на ВМРО - ДПМНЕ и на СДСМ, но сепак, смета дека сите сценарија се можни.

Во текот на вчерашниот ден, Давитковски заедно со странскиот експерт Петер Ванхаусен, имаа заедничка средба со членовите на Комисијата. По четиричасовниот состанок, тој изјави дека едночасовната пауза ќе ја искористи за дополнителни политички консултации, најверојатно на највисоко ниво.

Претходно, странскиот експерт Ванхаусен и Давитковски имаа и одвоени средби со членовите на Комисијата од ВМРО-ДПМНЕ и од СДСМ.

Лидерите на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ, Никола Груевски и Зоран Заев во понеделникот се договорија во периодот што следува да се вложат последни напори за откочување на процесот, негово интензивирање и донесување конечно решение околу извештајот на Комисијата, како последен обид за постигнување договор, чие евентуално недонесување ги загрозува европските перспективи на Република Македонија.

Пред речиси еден месец оставка на функцијата претседател на Комисијата даде професорот Борче Давитковски, поради, како што рече, неможност да се постигне согласност за конечниот извештај од работата на Комисијата. Во Комисијата СДСМ и ВМРО- ДПМНЕ имаат делегирано по двајца членови.

23.08.2013 - 08:53
Фото: 
миа

најчитано сега