Груевски: Да се фокусираме на решение за 24. декември а не на сплетки и манипулации
Влогот за државата е голем и треба барем за неколку дена да се фокусираме на решавање на проблемот (ад хок Комисијата за расчистување на случувањата од 24 декември), а не на игри, манипулации и сплетки со медиуми и портали кои се под контрола на СДСМ, истакна премиерот Никола Груевски по посетата на струшкото село Бороец.
- ВМРО-ДПМНЕ цело време е фокусирана и посветена дијалогот да успее, а од друга страна гледаме дека СДСМ повеќе е фокусирана на порталите што ги контролира и на тоа да пуштаат некои сплетки, манипулации, а помалку се фокусирани на решавање на проблемот, рече Груевски одговарајќи на новинарско прашање за коментарите на некои портали дека Комисијата за решавање на настаните од 24 декември ќе доживее крах.
Деновите, додаде Груевски, поминуваат, а времето е кратко и разговорите се во тек. Не сакаше да прејудицира, но нагласи дека се целосно фокусирани и се во постојан контакт со тимот за решавање на проблемот.
- Се надевам дека СДСМ ќе изнајде начин и сила да се фокусира на решение кое не е наш или нивни проблем, туку проблем на Република Македонија и на сите граѓани, подвлече премиерот Груевски.