Продолжува расправата за Законите за медиуми

Собраниската Комисија за транспорт, врски и екологија денеска за два часа разгледа два амандмана за Предлог - законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги поднесени од СДСМ, што министерот за информатичко општество и администрација Иво Ивановски ги одби.

Амандманите предвидуваа да се забрани медиумите да им даваат донации на политичките партии и да имаат обврска по пропорционален модел да се рекламираат на сите телевизии.

Комисијата, која е на пауза до 15 часот, треба да разгледа уште дваесетина амандмани до полноќ, кога завршува рокот од три дена за амандманска расправа за закон со европско знаменце, како што е овој.

Министерот Ивановски, посочувајќи дека пратеникот Емилијан Станковиќ, кој ги образложуваше амандманите на СДСМ, истакна дека се генерализира да се направи перцепција дека сите институции се рекламираат и дека тоа е спротивно на Законот за јавни набавки.

- Во законот што го ревидирам има амандман во член 102 во кој стои дека државните органи, органите на државна управа, јавните претпријатија, единиците на локална самоуправа, јавните установи и институции, правните лица со јавни овластувања, како и регулаторни тела односно корисници на буџетски средства, доколку во годишниот буџет имаат предвидено средства за информирање за свои активности се должни да ги реализираат на недискриминаторен, објективен и транспарентен начин во постапка утврдена со закон за јавни набавки, изјави Ивановски.

Горан Мисовски од НСДП и пратениците од СДСМ, повикувајки се на ревизорски извештај, обвинија дека ВМРО-ДПМНЕ им должи на телевизиите 3,5 милиони евра за изборите во 2011 година и оти синоќа бил усвоен амандман со кој се предвидува педесет проценти од продукцијата на приватните телевизии да биде финансирана од буџетот, преку кој партијата ќе го врати долгот.

Координаторката на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Силвана Бонева изрази жалење што, како што рече, продолжува театарот од 24 декември и од вчерашниот ден.

- Направивме повеќе промени во амандманите за вашите забелешки, како тоа дека парите што ВМРО-ДПМНЕ како политичка партија ги должи сака со овој закон да ги исплати односно да ги компензира, ви докажавме дека не е така. Направивме промена во најбитните членови во овој закон. Јасно прецизиравме дека националните ТВ радиодифузери не треба само да емитуваат, туку и да произведуваат домашна програма, изјави Бонева.

Седницата на Комисијата за транспорт, врски и екологија ќе продолжи во 15 часот. 

22.08.2013 - 14:59

најчитано сега