Двајца скопјани зад решетки - криеле над еден килограм марихуана во нивното “БМВ“

Полицијата при контрола на патничко возило, сопственост на жител од скопско Студеничани, пронајде над еден килограм марихуана.

Од МВР информираат дека завчера вечерта околу 23 часот, во непосредна близина на клучката за тетовското село Групчин, службеници од Полициската станица за безбедност на патниот сообраќај-Автопат на Тетово запреле патничко возило „БМВ“ со скопски регистарски таблички, што го управувал  21-годишниот Ф.И. од Студеничани.

При контрола на возилото,  во кое биле уште две лица, Д.С. (33) и С.П. (23) од Скопје, под совозачкото седиште, пронајден е ранец во кој имало непозната тревкаста материја, завиткана во најлонска фолија. Пронајдениот ранец бил сопственост на Д.С, кој заедно со возачот и сопатничката С.П. набрзо биле приведени и задржани во Полициската станица-Тетово.

Во фолијата, како што информираат од МВР, имало над еден килограм марихуана, која, според кажувањето на Д.С., претходно ја купил од Ф.И. кој требало да ја однесе во Охрид.

Против сите три лица поднесена е соодветна  кривична пријава, а истражен судија на Основниот суд Тетово вчера на Ф.И. и Д.С. им определи мерка притвор во траење од по 30 дена. 

22.08.2013 - 13:17

најчитано сега