Целосна забрана за движење низ шумите
Четири целосно изгорени и една делумно изгорена куќа во селото Могилец е резултатот од неколку пожари кои пред неколку недели ја зафатија нашава земја и кои продолжуваат и понатаму да бидат активни. Најголема опасност во моментов е пожарот во туристичкото место Матка и пожарот кај ловиштето во Требовље, Македонски Брод.
Постабилна е состојбата во Полошкиот регион каде се веќе изгаснати четири пожари, додека пожарот кој гори над Матка веќе навлезе во планината на селото Гургурница, каде што, според информациите од жителите на оваа село, веќе сите жители се организирани за да го бранат селото, додека бараат помош од Дирекцијата за заштита и спасување за да испрати авиони за гаснење на пожарот.
Од Дирекцијата за заштита и спасување велат дека пожари има на неколку места, но во моментов надвор од контрола се само пожарите кај Македонски Брод и Гургуринца, Тетовско.
Од друга страна, од ЕВН Македонија известуваат дека само вчера во атарот во Велес од пожар биле оштетени столбови.
ЕВН Македонија:
„Поради големи пожари во Богомила, Папрадиште, планинска куќа Чеплес, сите корисници на општина Чашка ќе останат без електрична енергија подолг временски период. Екипите на ЕВН се на терен и работат на санација на 11 изгорени столбови и опрема зафатена од огнот, но исто така помага и во гаснење на пожарот.“
Во меѓувреме продолжува судското вештачење за изгореното човечко тело кое вчера беше пронајдено во Љуботен, а за кое постојат сомневања дека починало од пожар. Сепак, точни информации од МВР најавуваат по завршувањето на истрагата.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа