Милошевски: Алаѓозовски назначува директори кои шират говор на омраза и прават поделби во општеството

Роберт Алаѓозовски продолжува да докажува колкава е неспособноста и неодговорноста на владата на Заев и СДС. Алаѓозовски продолжува со промовирање на варваризмот и некултурата во Република Македонија.  Како предводник на овој некултурен бран, од првиот ден како министер започна да извршува партиски наредби и да спроведува партиски чистки, изјави денес Милош Милошевски од ВМРО-ДПМНЕ.

Милошевски вели дека без нималку срам Алаѓозовски ова го прави со фашизоидна реторика и сталинистички методи, јавно признавајќи дека елиминира луѓе без законски основ, туку само затоа што тој и Заев процениле дека биле блиски до лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски.

-Партискиот суд на Алаѓозовски, Заев и останатите поддржувачи на фашизоидната реторика какви има во Владата на Република Македонија, сега решиле дека нивниот збор ќе стане закон. Се бркаат од работа успешни раководители на институции само затоа што Заев вети на своите гласачи дека кога ќе дојдат на власт ќе јадат живи луѓе и ќе вработуваат „од чистачка до директор“ партиски и невладини војници. И сите овие фрустрации на СДС ќе ги плаќаат граѓаните со стотици милиони денари од буџетот секоја година. Токму тука, во оваа исклучително важна национална институција, „Драмскиот театар“ во Скопје, Алаѓозовски изведе уште една ваква лакрдија. Од раководната позиција беше сменет познатиот актер Роберт Вељановски без никаков основ, измислувајќи причини во толкувањата на инспекциите со партиски насоки. Вистинската причина се фрустрациите во СДС кои се излеваат најмногу во културата, вели тој.

Милошевски истакнува дека затоа по советите за култура Алаѓозовски именува луѓе како Ѓунер, Милчин и Грчев кои најавуваат дека ќе ги минираат спомениците на македонските херои и државност, и затоа на директорските позиции СДС става луѓе како Сашо Тасевски кои со години биле еден обичен алат во пропагандата на СДС.

-Луѓе со елементарен недостаток на лична култура и со речник како да водат некој од партиските сајтови за лиферување навреди и лажни вести, немаат место во културата во ниту една нормална земја. За жал, со Алаѓозовски и Заев и стандардите кои ги наметнуваат, Македонија е се само не таква земја. Сашо Тасевски е назначен за директор на Драмски од сталинистот Алаѓозовски само затоа што со години јавно сее омраза и поделби, а членовите и поддржувачите на ВМРО-ДПМНЕ ги нарекува платеници, убијци, рекетари и шверцери, вели Милошевски.

-Наместо фрустрациите, омразата и гневот да ги остават дома, Алаѓозовски и неговата свита решија дека ќе ги наметнат како стандард во Македонија. Господа, тоа нема да се случи и ова нема да ви трае. За ваквото неспособно делување наскоро ќе следи политичка одговорност. А, за незаконското работење и кривична, истакнува тој.

 

 

 

 

03.08.2017 - 14:09

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа