Заев: Реформите во судството не можат да почнат ако Зврлевски и пркоси на државата

Реформите во судството не можат воопшто да почнат ако Марко Зврлевски бесконечно и безобразно им пркоси на државата и општеството, изјави денеска премиерот Зоран Заев.

Одговорајќи на новинарско прашање во врска со информацијата дека Горан Грујовски и Никола Бошковски по вчера потврдената мерка притвор наводно ја напуштиле државата, Заев истакна дека не сака да се меша во работата на судот.

- Не сакам да си дозволувам да кажувам што треба судот или Парламентот да прави. Тоа не е на извршната власт.  Квалитетот, пак, на одлуките што ги донеле судовите, ќе ги покаже праксата. Недавајќи притвор, гледаме дека луѓето бегаат. Ако, пак, се одредува притвор, тоа мора да биде согласно законот, подвлече премиерот по средбата во Стопанската комора на северозапдна Македонија.

На прашањето дали во овој контекст чувствува некаква одговорност, напомена дека токму тој го отворил прашањето за македонското правосудство со сите негови, како што нагласи, грубости, за да го покаже пред јавноста.

Собранието на Република Македонија, повтори, е надлежно да донесе одлука за разршување и именување државен обвинител. - Се надевам дека тоа ќе го стори согласно законот и Деловникот, истакна Заев. 

За поканата на претседателот Ѓорге Иванов да учествува на прославата по повод Илинден како градоначалиник, Заев одговори дека одамна не ја извршува таа функција. - Одамна не сум градоначалник. Триесети декември е мојот последен ден како градоначалник на Струмица. Веројатно е некоја грешка. Сакам кохабитација со претседателот на државата, рече премиерот Зоран заев. 

 

 

 

27.07.2017 - 14:25

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега