МКЦ ќе блесне во ново руво

Скопскиот градначалник Коце Трајановски денеска го посети Македонскиот културен центар (МКЦ), каде се изведуваат градежни активности

Градот Скопје обезбеди буџет од 5 милиони денари со кои ќе се реновираат повеќе делови во МКЦ како што е џебното кино кое ќе биде со капацитет 80 нови седишта, нови ѕидови кои ќе бидат акустични и нов проектор со ново проектно платно.

- Ова кино ќе ги исполнува условите за да влезе во „Арт-кино“ мрежите на Европската унија за што веќе МКЦ конкурираше и се надеваме дека ќе можеме и тука да ги следиме филмовите што се прикажуваат во „Арт-кината“ во ЕУ, изјави Трајановски.

Кажа дека се реновира и концертната сала каде што се прави нова сценска конструкција која ќе овозможи покрај музичките да се изведуваат театарски престави, како и дека ќе се заменат сите врати во МКЦ, вкупно 80.

- Во киното Фросина каде што минатата година  беше инсталиран систем за ладење и греење сега се менува подот и очекуваме со средства од ЕУ да се дигитализира за да го постигне стандардот за ваков тип настани, рече Трајановски.

Одговарајќи на новинарско прашање за загадувањето на воздухот во населбата Ново Лисиче кое доаѓа од депонијата „Вардарште“, Трајановски рече дека таа депонија е затворена и дека Градот за десетина дена ќе објави студија преку која ќе се направи проценка и ќе се даде конкретен предлог како да се реши проблемот со депонијата. 

21.08.2013 - 14:04
Фото: 
дневник