Божиновска: Укинувањето на Законот за национален уметник удар кон македонскиот идентитет

Укинувањето на Законот за национален уметник на Република Македонија, претставува врв на понижувањето на сопствените културни дострели од страна на СДС.

Ова денеска на прес-конференција во партиското седиште го истакна Валентина Божиновска од ВМРО-ДПМНЕ, која рече дека ова е крајно обезвреднување на домашните културни дејци, како во Република Македонија, така и пошироко во регионални и европски рамки.

- Имено, сите знаете дека со овој предлог закон на Зоран Заев, Алаѓозовски и СДС брутално го погазија домашното културно творештво и ги потценија достигнувања на најголемите репрезенти на македонската култура во изминативе години како што се пијанистот Симон Трпчески, режисерот Милчо Манчевски, пејачката на ромската и македонска народна музика Есма Реџепова Теодосиевска, нашиот познат оперски певец Борис Трајанов, оперската певица Ана Дурловски и поетот Никола Маџиров кои несомнено дадоа особен придонес во создавањето и развојот на формите не само преку креативен израз и стил во уметноста, туку и придонесот за препознавање на културниот идентитет и интегритет на Република Македонија, рече Божиновска.

Титулата национален уметник, посочи, e највисокото признание од областа на културата во Република Македонија и во никој случај не треба да се гледа како на давање одредени привилегии на уметниците, туку напротив какo признавање за нивните врвни достигнувања по кои светот не препозна.

Таа нагласи дека оваа титула не била воведена со времен карактер, туку напротив имала за цел досегашните достигнувања на културните дејци, нивните идни достигнувања, како и достигнувањата на нашите идни генерации дејци да бидат вреднувани од страна на Република Македонија.

- Со навредливата и понижувачка одлука за укинување на титулата Национален уметник, Заев, Алаѓозовски и СДС уште еднаш го покажаа своето вистинско лице и нивните планови за македонската историја во која изгледа нема место за врвните македонски уметници кои несомнено се стожер на македонската култура, како дел од културите на светската цивилизација. Ваквите лоши одлуки почитувани, прават во државата и огромни штети! Последната одлука на СДС за укинување на титулата Национален уметник ќе остане во историјата запаметена на оваа држава како најтежок удар врз дигнитетот на македонските културни дејци и македонската култура воопшто, рече Божиновска.

Според неа, тоа преставува уште еден удар кон македонскиот идентитет, македонската култура и удар кон темелните вредности на самата државност.

 

 

 

21.07.2017 - 15:23

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа