Паѓаат температурите, но носат и дожд - еве кога се очекува најлошо време
ВРЕМЕТО ДЕНЕС
Претпладне во поголем дел од земјава сончево со слаб до умерен ветер од северен, а во јужните делови од јужен правец. Попладнево зголемена облачност имаше во западните и крајните источни делови. Најпрво во планинските подрачја во источните делови, а потоа и во подрачјата околу Кичево, Крушево, Македонски Брод и Мариово имаше појава на краткотраен пороен дожд и грмежи. Во овие моменти нестабилно е во подрачјето на Берово-Пехчево, како и во јужниот дел од Преспа и повторно во Мариово.
ВРЕМЕТО ДО КРАЈОТ НА ДЕНОТ
Облачноста ќе се зголемува во целава земја, а нестабилно со дожд и грмежи ќе биде и во вечерните и ноќните часови, особено во југоисточните делови, каде има услови процесите да бидат поинтензивни со пообилни врнежи и засилен ветер. Ќе дува умерен, повремено и засилен северен ветер.
ВРЕМЕТО УТРЕ
Oблачно и свежо, со врнежи од дожд, кои во јужните и источните делови повремено ќе бидат поројни и пообилни (над 30л/м2). Најдолго и континуирано се очекува врнежите да се задржат во југоисточните делови. Ќе дува умерен до засилен ветер од северен правец. Т-мин. од 13 до 19, а т-макс. од 17 до 23 степени.
СКОПЈЕ
Oблачно и свежо, со повремени врнежи од дожд и со умерен до засилен ветер од северен правец. Т-мин. 17, а т-макс. 21 степен.
ВРЕМЕТО ВО НАРЕДНИТЕ ДЕНОВИ
Локални врнежи од дожд се уште ќе има и во понеделник претпладне. Во текот на денот ќе дува повремено засилен северен ветер. Од вторник следува период на стабилно време со пораст на дневната температура, која во петок ќе биде во интервал од 29 до 35 степени.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа