Тодоров: Паралелниот увоз ќе ги намали цените на лековите

Министерот за здравство Никола Тодоров очекува измените кои се планираат во инструментот паралелен увоз на лекови, како дел од првичната верзија за промена на Законот за лекови и медицински помагала, да донесат конкуренција и пониски цени на лековите со

- Со законските одредби за паралелниот увоз на лекови  сакаме сериозно да ја олесниме  процедурата за паралелен увоз, без притоа да влијаеме негативно на позитивната поставеност на системот досега. Во групата на држави од коишто може да се врши  паралелен увоз се додаваат и Русија и Турција, рече Тодоров на денешната јавна расправа за законските измени  со претставници на веледрогерии, клиники, лекарски комори и асоцијации.

Измени има и во делот на документите што треба да се достават за добивање одобренија, а првпат ќе се воведе паралелен увоз и кај медицинските помагала, за што се дефинираат повеќе услови, при што клучен е сертификатот за сообразност за гарантиран квалитет на  помагалото.

Се предлага и обврска за лекарот  задолжително да провери дали пропишаниот лек може да има несакани ефекти при интеракција со останатите лекови што ги прима пациентот, а фармацевтот при издавање  на лекот да го предупреди пациентот за можните несакани ефекти при интеракција на лековите.

- Идејата е во системот „Мој термин“ да инкорпорираме уште еден дел при кој секогаш кога ќе се  препишува определен лек на докторот да му бидат ставени на увид сите лекови кои имаат интеракција со него, појасни Тодоров.

Во тек на расправата Драган Конески, претседател на  Асоцијацијата на увозници на иновативни фармацевтски компании, праша каква ќе биде добивката за здравствениот систем и за граѓаните од паралелниот увоз. 

- Со паралелниот увоз може да се јави проблем со фалсификати на фармацевтскиот пазар, што директно би довело до ситуација граѓаните да се изложат на ризик по нивното здравје. До јуни 2013 во ЕУ Интерпол има заплането 11 милиони лекови, а два милиони во Турција, наведе Конески, кој побара и прочистување на позитивната листа на лекови.

Според министерот Тодоров, добивката од паралелниот увоз  е зголемена конкуренција во системот. - Со внесување здрава конкуренција, запазувајќи ги нормите коишто  обезбедуваат квалитет и не дозволуваат негово намалување, бенефитот за  граѓаните и за системот ќе биде голем. Како резултат на ова очекуваме да се намалат определени цени, да се намалат трошоците и да се ослободат пари коишто ќе може да се релоцираат за други продуктивни трошења, наведе Тодоров.

Тој посочи дека се предвидува паралелниот увоз да биде во рамки на процедурите и регулативата која важи во ЕУ, каде, како што рече, тој инструмент се користи се повеќе.

Министерот за здравство најави дека ќе го разгледа и барањето  од директорот на Клиниката за онкологија и радиологија Милан Ристовски, во однос на монополската политика од производителите на помагала со кои се соочуваат.  Ристовски побара да се вметне став со кој ќе им се наложи на производителите на медицински помагала, во кои спаѓа радиотераписката опрема, ако сакааат да регистрират соодветно помагало да мораат да дадат авторизација барем на уште една нивна легитимна сервисна установа.

Првичната верзија на законот, како што информира Тодоров, содржи и одредби со кои се овозможува да профункционираат аптеки во рурална средина со најмногу 800 жители со  најмалку еден здравствен  работник со средно или вишо образование во областа на фармацијата. Најмалку еднаш неделно  дипломиран фармацевт  со лиценца за работа во аптека ќе  врши контрола на фармацевтскиот техничар во руралната аптека.  Се создава законска можност и за отворање подвижни аптеки  во руралните и потешко достапните места.

За измените на Законот за лекови и медицински помагала, најави Тодоорв, ќе се одржи уште една јавна расправа.

20.08.2013 - 16:14

најчитано сега