Трајановски подготвува уникатно одбележување на 50 години од земјотресот

 

Градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски денеска оставрио средба со претставници од бизнис заедницата од главниот град за да ги запознае со деталите поврзани со одбележувањето на 50 години од катастрофалниот земјотрес што го погоди Скопје во 1963 година.

- За трагедијата што му се случи на Скопје во 1963 година, дозна целиот свет и веднаш почна да пристигнува хуманитарна помош, а скопјани покажаа истрајност, храброст и солидарност која беше за восхит. Скопје, во годините по невидената катастрофа, интензивно се градеше со донациите од целиот свет, но и со посветеноста и љубовта на граѓаните на главниот град на Република Македонија. Токму затоа, за да им оддадеме почит, а воедно достојно да одбележиме 50 години од катастрофалниот земјотрес, Град Скопје во координација со Универзалната сала во Скопје и голем број други институции, ќе организираат неколкумесечни активности под мотото „Скопје се сеќава“, се вели во соопштението од Град Скопје.

На 50-годишнината од трагичниот настан, информираат од Град Скопје, ќе се потсетиме на минатото, но истовремено ќе погледнеме и кон иднината, со нова надеж, но и со нова визија, за ова Скопје, за градот на солидарноста, но и за солидарниот град Скопје, чијшто аманет е да помага исто како што на жителите на овој град му помогнаа 87 нации од светот.

Трајановски ги повикал сите заинтересирани да се вклучат во одбележувањето на половина век од катастрофалниот земјотрес што го погоди Скопје.

На средбата директорката на ЈУ Универзална сала-Скопје Вера Бошковска и координатор на целиот проект одржала презентација за тоа што опфаќа отворената платформа „Скопје се сеќава“. Потенцирала дека одбележувањето на 50-годишнината ќе трае со месеци. Активностите ќе почнат идниот месец, додека поинтензивни активности се планираат во деновите пред и по 26-ти јули, со еден централен мултимедијален настан на самиот ден.

најчитано сега