Романците не знаат кои се европските институции
Испитувањата на јавното мислење во Романија за односот кон европските институции покажува дека половина од анкетираните не знаат кои се европските институции и сметаат дека членството во ЕУ им ги влошиле условите за живот.
Педесет и три проценти од анкетираните, во споредба со 70 отсто во 2011 и 61 отсто во 2012 година, не знаат кои се европските институции, покажуваат податоците од анкетата спроведена од центарот CIADO.
На прашањето дали ги знаат обврските и правата на европскиот граѓанин, 51 процент одговориле негативно, а 21 отсто позитивно, додека 20 проценти се воздржале од одговор.
Членството на Романија во ЕУ довело до влошување на животот за 58 проценти од испитаниците, додека на 31 отсто им се подобриле условите за живот.
Според 51 отсто од анкетираните, невработеноста е најголемиот проблем со кој се соочува Романија по присоединувањето кон ЕУ. Дваесет и еден процент сметаат дека најголемиот проблем на земјата по членството во Унијата е зголемувањето на корупцијата, 19 отсто сметаат дека тоа е зголемувањето на цените, а според осум проценти тоа е употребата на дрога и насилството.