Средба на претседателот Иванов со министерот за надворешни работи на Труција, Мевлут Чавушоглу

 Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, денеска го прими министерот за надворешни работи на Република Турција, г. Мевлут Чавушоглу.

На средбата, беше разговарано за натамошното продлабочување на билатералните односи и зголемување на соработката меѓу Република Македонија и Република Турција. Двајцата соговорници изразија задоволство од традиционалното пријателство и партнерство, како и од интензивната комуникација и соработка во сите сфери од заеднички интерес, кои се потврда за одличните односи меѓу Република Македонија и Република Турција.

Изразувајќи благодарност за цврстата и принципелна поддршка на Република Турција во однос на нашите стратешки цели, претседателот Иванов нагласи дека Република Македонија високо ја вреднува поддршката одТурција за употребата на уставното имe на Република Македонија и интеграцијата на земјата во НАТО.

 „По решението на политичката криза време е да се создаде нов поттик за членството на Република Македонија во НАТО. Како и досега, ја очекуваме вашата отворена и гласна поддршка“, истакна на средбата претседателот Иванов.

 Министерот Чавушоглу ја реафирмираше поддршката што Република Турција ја дава на европските и евроатланските интеграции на Република Македонија, укажувајќи дека Република Турција ќе биде доследна на таа континуирана поддршка.

Македонскиот претседател и министерот Чавушоглу разменија мислења и информации за состојбите во регионот, за прашањата од надворешно политички интерес за двете земји, и за потребата од поголема соработка меѓу безбедносните служби на Република Македонија  и  Република Турција. Во таа насока, претседателот Иванов  ја истакна потребата од размена на информации меѓу полициските служби и службите за разузнавање, преземање на заеднички акции, како и изнаоѓањето на ефективни средства и методи за превенција и борба против ширење на насилен екстремизам и тероризам.

Двајцата соговорници ја поздравија економската соработка, со очекување за нејзино натамошно интензивирање, како и плодната соработка на полето на одбраната. Претседателот Иванов се заблагодари за логистичката поддршка за опремување, едукација и обука на АРМ, како и за досегашната хуманитарна помош добиена од Република Труција.

 

 

 

 

 

18.06.2017 - 13:43

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега