Груевски: Во тек е подготовка за нов почеток, ново утро, кон повторно враќање на власт на најуспешната политичка сила во Македонија- ВМРО-ДПМНЕ

Во тек е внатрешна обнова и подготовка за нов почеток, ново утро, кон повторно враќање на власт на најмоќната, најголемата и најуспешната политичка сила во Македонија, ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За подобра Македонија“.

Во продолжение следува интегрален текст од говорот на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски.

Собрани сме тука да го одбележиме и прославиме 27-миот роденден на нашата партија ВМРО-ДПМНЕ, во 124-тата година од основањето на организацијата во 1893-тата година.

Тоа се години на пишување историја. Години на лични жртви и големи ризици. Години на непокор, на борба за ослободување, градење на нација, создавање на држава, одржување, развој и зајакнување на државата. Години на успеси, подеми и падови. Години на премрежија и крупни предизвици. Години на слабости и грешки, но и години на храброст, мудрост, успеси и напредок. Години на борба за каузата. Години на отпор на браникот на одбраната на државата и на нацијата. Години посветени на Македонија, на реализирани и нерализирани соништа, но и години на многу решени проблеми и донесени исправни стратешки одлуки. Години во кои и во најтешките денови нашата идеологија беше арматура, арматура која цврсто не држеше и не дозволи нападите и ударите однадвор да завршат фатално за нас како партија и за Македонија. Но и период во кој од последните 11 години имаме 10 изборни победи по ред. 10 пати најголемото мнозинство од народот во оваа земја оцени дека нашиот пат, нашите цели и нашите одлуки, програма, реализација, тим и идеологија, се најисправни, најправични и најдобри за Македонија и народот во неа.

Непобедени, непокорени, единствени.

Единствени кога требаше да се изјасниме за своја држава. Единствени кога требаше да се застане во одбрана на државата. Единствени во истрајноста и во упорноста кон успехот, единствени во реформите и во отворањето нови работни места. Единствени во поставувањето на државниот пред личниот и партиски интерес. Единствени во непоколебливоста и истрајноста во борбата за стратешките интереси на државата и на нацијата. Единствени кои независно, автономно, суверено ги носиме нашите одлуки за клучните прашања за Македонија. Единствени кои се спротиставија кога сите се плашеа. Единствени во многу одлуки кои не прават посилни и повредни, и заради кои народот на слободни избори не бираше, не гласаше, ни се лутеше и укоруваше кога грешевме, некогаш и не толерираше имајќи во предвид дека кој работи и греши, но како што ние даваме се од нас да помогнеме за нашиот народ и граѓани, истиот застана зад нас и кога ни беше најтешко, кога бевме организирано нападнати од сите страни со нетипични оружја во политиката, ако воопшто тоа може да се нарече политика. Да, и тогаш, на последните избори, пак мнозинството на народ застана зад нас, со цел да ја одбрани Макеодонија, одбирајќи партија која покажа дека најдобро знае да ја унапредува земјата и да ги решава проблемите.

Во оваа прилика сакам јавно да се заблагодарам на сите Вас кои сте составен дел од оваа приказна и оваа борба на оваа генерација. Да се заблагодарам на сите членови и активисти на партијата, па и на оние кои биле па сега не се со нас, да се заблагодарам и на основачите на ВМРО-ДПМНЕ, на идеолозите на партијата, на теренашите кои ја создаваа и градеа, на првите иницијатори, на првиот претседател на ВМРО-ДПМНЕ, на првото раководство на партијата ВМРО-ДПМНЕ, на ветераните на партијата, на првите раководства низ сите градови и села во Македонија, за нивната храброст, за нивната визија и за нивниот патриотизам.

И истовремено да потсетам на големото визионерство, храброст и саможртва на основачите, на Македонската Револуционерна Организација, подоцна преименувана во ВМРО и на сите нејзини борци, комити, војводи и следбеници. Нивната идеја за независна држава продолжи и кога навидум ВМРО по 41 година бурна активност беше разбиено. Некои од нив вклучувјќи се во партизанските одреди, други пак потоа како нескршливи борци за слобода и независност на Македонија за време на комунистичкиот режим, но сите тие имаа иста цел, слободна и независна Макеоднија. Ние, кои го наследивме и продлживме нивното дело, ја имаме одговорноста за нашето време, кон нашите предци, кон нашиот народ и кон идните поколенија во Македонија, и не смееме да потфрлиме во таа задача, независно на околностите.

Почитувани членови на ВМРО-ДПМНЕ,

Некои луѓе кога доаѓаат на власт се однесуваат како да ништо не постоело пред нив, како да ништо добро не се случило пред нив, како да светот и државата од нив почнуваат, и како да вечно ќе владеат и ќе прават се што сакаат. Дека можат секому да му наштетат и за тоа еден ден да не сносат одговорност, и веднаш добиваат нагон да владеат не само со она што им налага функцијата, колку и да не ја добиле заслужено и по нормален пат од изразената народна волја, туку да владеат со се, вклучувајќи ги и владеењето со медиумите и судството, но и слободоумниот свет. При тоа веруваат дека сите тие чекори, злоупотреби, хајки, лаги, интриги, подметнувања, замајувања, целиот тој налет и наплив на незрелост ќе им помине лесно кај народот, опозицијата и кај сите останати. Дека ќе успеат да го продадат како волја на народот, одлука која произлегува од некоја јавна, и се разбира наместена дебата итн. Уште пак ако моментално имаат некоја меѓународна поддршка заради одредени ветувања кои ги дале кон надвор, и ако се доволно незрели да веруваат дека сето тоа вечно ќе трае, тогаш имате краток опис на новата вештачки насадена влада во Македонија, која иако излезе поразена од изборите, прифаќајќи да одработи тоа што ние не го прифаќавме, ете ви опис за овие нашиве нови донесени властодршци. Сето ова е карактеристика на незрели индивидуи, неискусни политичари и луѓе без визија, кои ги води омразата кон нас, а верувам ќе се согласите, особено кон мене како водач на партијата во 10 последователни победи, цели 11 години.

Драги пријатели,

Откако ги донесоа на власт, сега наумиле нов план. Пред да го одработат ветеното за кое знаат дека народот жестоко ќе реагира, планот е да го ослабнат ВМРО–ДПМНЕ, особено во пресрет на локалните избори, и второ, партиски да завладеат со судството и со медиумите. Сето ова, за кога ќе дојде време за реализација на она што го превзеле како обврска, ВМРО-ДПМНЕ да е слаба и поделена, судството да ги гони нејзините челници, а медиумите да играат како што СДСМ ќе им свири. Тргнаа на ѓон, и на ѓон еден ден, не така далеку од сега ќе завршат. Да, сега ќе ги галат, ќе им исполнуваат желби, ќе ги величаат, ќе ги преставуваат тоа што не се. Нас исто така ќе не преставуваат тоа што не сме, ама во негативна смисла, за разлика од нив.

Јавно говорат дека сакаат медиумите да ги критикуваат, а погледнете што направија со најгледаните медиуми, оние за кои говореа дека им се најголеми непријатели. Со суптилни закани, со СЈО, со втерување страв, со секојдневни казни на советот за радиодифузија. На најгледаните 4-5 телевизии, нема речиси ниту еден критички прилог за новата власт откако е избрана, а од 10 активности дневно на ВМРО-ДПМНЕ едвај поминува еден или два, и тоа кратко и исплашено. 80 осто од прилозите се афирмација на новата власт која „само што не го донела животот во Македонија“. И најважно, тоа никому сега не му пречи. Сега нема проблем со избалансирано известување, се е идеално, и веројатно на сите оние листи за слобода на медиумите Македонија наскоро ќе има раст со метеорска брзина. Не било за фер известување, туку за известување како што сакаат тие.

Или видете ги СЈО. Со сила, без никави докази ќе штанцаат обвиненија против над 120 луѓе од партијата. Повторувам без никакви докази. Но, се надеваат дека ќе ги притиснат судиите за да судат некого без доказ дека прекршил закон. Одат на тоа да ако не принудат секој втор ден некој од нас да е во суд, и тоа медиумите на долго и широко да го пренесуваат, да создадат негативна слика за нас, а ако притиснат и некој судија да осуди некој без докази, уште подобро.

И додека се ова се готви, немаме ниту реформи, ни просечна плата од 30 илјади денари, ни повисоки субвенции, ни 100 илјади денари плати за лекарите, ни 500 километри автопатишта, ни нови работни места, ни покана за НАТО, ни преговори со ЕУ, ни повисоки пензии, ниту нешто да им понудат на младите. Во нивните настапи има многу неискреност. Многу лицемерие, додворување без искреност и прикажување на лажна слика. Тоа народот ќе го препознае. Ги нема ни како што тие кажуваа 600-те илјади иселени од Македонија да се враќаат. Се пењават без срам и сечат ленти на фабрики кои ние ги донесовме и во наше време се се заврши. За нови, за нови ќе почекаме Самка, Рамиз Мерко и Шапурич ќе донеле.

Ние освен што донесовме преку 100 компании кои веќе инвестираа низ Македонија, други триесетина компании ги донесовме во финиш на потпишување на договор, но со Рамиз Мерко, Самка и Шапурич, не знам дали некои од нив нема да ја смени одлуката.

Но, драги мои, ние не седиме со скрстени раце. ВМРО-ДПМНЕ е во фаза на внатрешно реструктуирање, и пред кадровско освежување. Партијата ги прави последните подготовки за новиот начин на дејствување во новосоздадената ситуација. Во тек се консултации и внатрепартиски дијалог за промени и корекција на се она што е наша слабост и грешки, креирање и на нови политики во различни области каде недостасуваа или беа застарени или запоставени. Во тек е внатрешна обнова и подготовка за нов почеток, ново утро, кон повторно враќање на власт на најмоќната, најголемата и најуспешната политичка сила во Македонија, ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За подобра Македонија“.

Драги пријатели,

Ако во 2003-тата година наследив заринкан брод, и заедно со Вас, успеавме за 2 до 3 години да го направиме машина за реформи, машина за напредок и победи, која на европско и светско ниво беше запазена како топ реформатор во многу области, денес, се е различно. Ако тогаш тргнавме поразени со поддршка од само 8 осто, а СДСМ дури 31 осто поддршка, денес е тоа многу поинаку и подобро за нас, кога станува збор за довербата. Јаловите напори криминалците од СДСМ нас сосила да не прикажуваат криминалци, јаловите напори со нереализирани, амбициозни, а без капацитет луѓе да не, јас би рекол Деформираат, нема да им успејат.

Јас разбирам политичка борба, но ова што го прават е многу повеќе од тоа, и ќе им се удри од глава. Работевме чесно и одговорно. Со љубов и безпоштедно. Грешки и пропусти имаше, но во споредба со успесите, со реформите и сите постигнувања тие беа мали, а и тие во периодот кој следи ќе ги исправиме. Допрва народот ќе види разлика помеѓу СДС и ВМРО-ДПМНЕ. Ама не на зборови и празни ветувања, не на маргинални и мали работи, туку на дела, на вистински и крупни чекори како што се правеа во секоја област, и грижа, грижа за сопствениот народ и држава. А, и СДСМ која решила онака недемократски да се пресметува со ВМРО-ДПМНЕ, допрва ќе ја види ВМРО-ДПМНЕ, и допрва ќе се соочи со народот, кој денес веќе доволно се разбира, и се му е јасно. И Албанците во Македонија со тек на време ќе сфатат дека со СДСМ се е ветер и магла. Меѓународниот фактор нема да се разочара, бидејќи знае со кого има работа, но моментно им требаат.

Ние, меѓудругото, мора да работиме и на исправање на искривената слика која за нас ја креираа сдсмовските медиуми и структури пред Албанците во Македонија, создаваќи стереотип, според кој коалиција на албански партнер со нас ќе биде товар за нив. Сето тоа беше намерно и тенденциозно создавано, за да се создаде околност каде коалицирањето со СДС би било по посакувано за Албанците во Македонија. Искрено обичниот Албанец нема да има никаков аир од тоа што СДСМ е на власт, а за тоа ќе се уверат за кратко време. На Албанците исто како и на Македонците и на останатите им треба подобар живот, повеќе пари, повеќе работни места, повисок стандард и услови за подобар живот.

Изнасилената квази патриотска реторика на дел од албанските партии, кога под превезот на извесен закон за јазици всушност само решаваат лични кариерни и други прашања на поединци, нема ништо да им помогне на Албанците. Албанците може да сметаат на ВМРО-ДПМНЕ во иднина, и ако сакаат да градиме заедно заедничка држава, во која сите, и Турците, и Србите, и Ромите и Власите, Бошњаците и останатите, секогаш, секогаш ќе имаат подадена рака од нас.

Сакам да ја искористам оваа прилика и да упатам порака до раководството на СДСМ, дека за важни прашања ние ќе стоиме на располагање и може да сметаат на нас дури и во вакви услови кои ги создаваат, тоа е наша обврска кон државата, и тука не е Груевски во прашање, затоа што гледам дека некого го заслепува омразата кон мене, и не може да ја види големата слика. Посакуваме брз прием во НАТО. И доколку за тоа има чисто и недвосмислено прашање, секако ќе го поддржиме. Истото и за членството во ЕУ. И за реформите кои се од корист за сите, и зад кои нема скриени агенди за партизација на институциите. Но мора да кажам дека ВМРО-ДПМНЕ ќе направи максимум да спречи закони и постапки кои се надвор од државните интереси на Македонија. Или се партизација на институциите. Или пак било какви лоши решенија и злоупотреби. Нема да дозволиме нечија чудна еуфорија и одработување на долг заради поддршка или нестручност или алчност, да ги прекрши националните интереси и да се донесат лоши решенија за државата и народот. И тука треба да им е јасно на сите. И во тоа нема да им помогне ни СЈО ни ништо.

Сакам да потенцирам дека одлуките кои ги носевме на моменти, делуваа несоодветно за многумина, особено на оние кои ги немаат сите информации и сите анализи, И се чини кај некои луѓе останавме несфатени заради некои потези. За време на кампањата за изборите во декември народот дури и се чини како да не поверува во сериозноста на она што го говоревме и причините зашто баравме 63 пратеника. А, и потоа некои од кога задоцнето сфатија зошто беа важни 63-те пратеника кои ги баравме, некое време не можеа да разберат нешто што е едноставно, а тоа е дека 51 пратеник не се 63, и со нив не може да се формира влада. Но факт е дека ВМРО победи на овие избори, а СДСМ како поразена партија на штета на државните интереси и со суштинска и теренска помош на одредени структури го донесоа СДСМ на власт, и нормално тој што ги донесе ќе си дојде по своето наскоро. Јас стојам зад нашите одлуки, и сум подготвен да носам одговорност за нив, во секоја смисла. ВМРО-ДПМНЕ, мора да оди напред и државата мора да оди напред. Јас верувам дека мора да помине времето во кое сме заложници на насилничкото сценарио кое сите сака да не вовлече во спирала на омраза, спирала на гнев, кога ќе бидеме водени од лични емоции и интереси, како што тоа е случај со Заев и неговите, и потоа државата ќе тоне дополнително се до нејзино целосно исчезнување. Вака Македонија има некоја шанса.

Почитувани членови и подржувачи,

ВМРО-ДПМНЕ мора да се подобрува и реструктуира. ВМРО-ДПМНЕ треба да ги дефинира целите на своето идно делување, да ги подобри односите со дел од меѓународната заедница во насока на заедничките цели и интереси, но и да формира автентична политика кон помалите етнички заедници, вклучувајќи ги и Албанците кон кои мора да ги презентираме нашите верувања за заедничко живеење во државата, и да ги разбиеме стереотипите кон негативната кампања против нас во албанските медиуми, која беше свесно диригирана и темпирана во изминатиов период.

Инаку, сега на оние кои и мислат лошо на Македонија им е потребен поделен ВМРО-ДПМНЕ, разнишан и тоа го стимулираат, ние сме свесни за тоа. Зрелоста на членството е она во кое јас отсекогаш сум верувал и знам дека ќе оддолееме на овие притисоци и нови игри. Нашата битка за Македонија не престанува овде. Напротив, таа допрва почнува. Допрва сме и потребни на државата и на нашиот народ, затоа што допрва ќе следат многу погубни чекори од страна на СДСМ, на кои мора реструктуирано и со нова енергија да се спротивставиме сите.

Тука не е важен Никола Груевски, ниту било кој поединец од раководството. Јас сум спремен на се, на најподмолни напади, на лажни судења и обвинувања, секојдневни лажни вести за мене, буквално на се. Јас не се плашам од тоа. Но и ВМРО, но и ВМРО не смее да се плаши од предизвиците кои доаѓаат, туку да им погледне во очи и да ја одигра својата историска улога. Следните чекори ќе ги правиме заедно. Јавно и транспарентно, јас само барам од вас да верувате во исправноста на нашето делување и одлуки, кои не се случајни.

Ги следам внимателно повиците за Виетнамски сценарија, улични борби или формирање на македонски терористички групи, или некакви други опции или пак блокови со различни стратешки интереси и слично. Тоа се афектни пораки, кои не ја гледаат целата слика, и се заради емотивен набој од неправдата која ни се случува на сите, посебно на државата. Но тоа не е решение. Тоа само може целосно да ја растури Македонија. Јас такво нешто нема да дозволам. И ако цената за тоа е мојата судбина, тогаш нема никаков проблем, еве ја.

Драги пријатели,

Остануваме заедно, како еден, сплотени, единствени, ние сме ВМРО – Демократска партија за македонско национално единство. Не заборавајте на нашите предци, ниту пак на подобрата иднина на нашите поколенија, за која сите ние посветено се бориме! Ќе дојде брзо денот кога ВМРО ќе се врати и ќе покаже зрелост и одговорност, повторно да ја води Македонија кон нови успеси и кон нови подвизи! Ќе дојде брзо времето кога народот со гордост ќе каже – Единствената опција за вас и вашите семејства, за развој и подобар живот е ВМРО.

 

 

 

 

18.06.2017 - 10:20

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега