Девојчето од Гостивар два пати било враќано во живот - третиот пат докторите не успеале

Тинејџерката што во утринските часови во неделата почина во возилото на итната медицинска помош на пат од Гостивар кон Скопје, двапати била враќана во живот откако ѝ откажала работата на срцето, но, за жал, третиот обид бил неуспешен, пишува Нова Македонија.

„Ова се некои од податоците до кои успеавме да дојдеме во текот на вчерашниот ден, додека се очекува и официјалниот извештај од судска медицина каде што телото на 15-годишното девојче е дадено на обдукција. 
Во текот на вчерашниот ден, во болницата во Гостивар бил одржан стручен колегиум на кој присуствувале сите началници на одделенија и лекари што биле дежурни дента, за да се направи анализа на случајот.“ - пишува весникот.

- Се одржа стручен колегиум во болницата, на кој се установи дека целата процедура од моментот на приемот и укажаната прва медицинска помош, па сѐ до моментот на упатот, немало никаков лекарски пропуст, работено е според медицина базирана на докази, направени се сите прегледи, почнувајќи од ЕКГ, лабораторија итн. Извршени се консултации со сите специјалисти што биле дежурни, почнувајќи од инфектологот, анестезиологот, интернистот, неврологот, психијатарот, како и обезбедување адекватен транспорт за Скопје - велат од гостиварската болница.

Оттаму ги негираат информациите што излегоа во јавноста дека девојчето со силни болки во стомакот претходно било во болницата. Според неофицијални информации до кои успеа да дојде нашата екипа, 15-годишната средношколка, и претходно била на лекар и наводно примила инфузија, но во приватна ординација.

Во Медицинскиот центар во Гостивар, дошла единствено вечерта помеѓу саботата и неделата односно во раните утрински часови на 11-ти месецов. Се пожалила на гадење, повраќање и дијареа, а според нашите извори, и на лесни грчеви. Меѓутоа, при прегледот стомакот не бил чувствителен односно немало симптоми туку бил мек.
По 30-40 минути, според нашите информации, состојбата се влошила, почнала да губи свест, ѝ се вкочанил вратот и веднаш била препратена од инфективно во ургентно одделение.

Додека девојчето сѐ уште било во гостиварската болница, лекарските извори брифираат дека целата екипа дежурни лекари работеле на овој случај, „му стоеле над глава“. 

Таму дошло и до прекинување на работата на срцето, но лекарите успеале да ја оживеат и да ја стабилизираат состојбата. По стабилизирањето, било одлучено тинејџерката да ја испратат на скопските клиники, односно во Ургентниот центар во Скопје. За жал, на пат кон главниот град, настанале уште две кризи. Лекарската екипа што била во возилото на итната медицинска помош успеала еднаш да ја оживее повторно, но во втората криза, која настанала неколку минути пред да пристигнат до скопските клиники, на влезот во градот околу Ѓорче Петров, обидот за реанимација бил неуспешен.

Овој случај регистриран во неделата, првпат официјално во јавноста излезе во полицискиот билтен од МВР во понеделникот. Тогаш полицијата објави дека девојчето од гостиварското село Долна Гуновица во Медицинскиот центар во Гостивар било донесено околу 4 часот и 30 минути во неделата. Се жалело на болки во стомакот и му била укажана медицинската помош таму. Било со намалена функција на виталните органи, состојбата му се влошила, па лекарите ја транспортирале кон Ургентниот центар во Скопје. Скопските лекари само ја констатирале смртта, која настанала за време на транспортот. Она што е познато е и дека телото е дадено на обдукција.

Додека се очекуваат официјалните извештаи од надлежните институции за овој случај, во чаршиските муабети може да се слушнат и низа други информации поврзани со животот на 15-годишната девојка. Од скромните информации што ги доби нашата екипа на терен, како што велат жителите на гостиварскиот регион во правец на селото Долна Гуновица, тинејџерката имала тежок живот. Нејзините родители биле разведени, имале егзистенцијални и социјални проблеми. Девојчето живеело со својата баба, но не се познати условите во кои живееле, дали бабата имала доволно можности да го прехранува, облекува и да му ги обезбеди потребните услови околу образованието, социјалниот живот итн. Во службите за социјална грижа ја нема евидентирано како корисник на права или како лице за кое имало потреба службениците да работат на подобрување на социјалното однесување. Исто така ја нема ниту во полициската евиденција.

Покрај ваквите информации, други, пак, говорат дека средината во која живеела била конзервативна, па се споменува и тоа дека можеби девојчето имало некакви здравствени проблеми и пред да кулминира ситуацијата, но поради страв или срам не се јавило навреме на лекар мислејќи дека со обични аналгетици може да ја исконтролира ситуацијата. 
За овој случај во вторникот се огласија и од Министерството за здравство информирајќи дека е формирана комисија за стручен надзор, во согласност со Законот за здравствена заштита, со претставници од Државниот санитарен и здравствен инспекторат и доктори од соодветните специјалности. Како што соопштија, комисијата од стручен аспект го анализира целокупниот третман на пациентката, почнувајќи од приемот во општата болница во Гостивар и транспортот со возилото на итна медицинска помош, за да се утврди дали во целост е постапено во согласност со медицината базирана на докази при третманот на пациентката. Телото, исто така, е дадено на обдукција.      

 

 

 

15.06.2017 - 11:27

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега