1.000 НОВИ ВРАБОТУВАЊА: „Лутекс“ стартуваше со работа

Новата фабрика Лутекс, германска инвестиција за производство на индустриски и технички текстил во погоните на „Нонча Камишева“ во Велес денеска почна со работа.

Во компанијата веќе има 50 вработени, а плановите се до крајот на годината бројот да вработени да се дуплира, до 100, а според нивниот долгорочен план, бројката ќе се зголеми на 500, па на 1.000 вработени.

На отворањето на фабриката присуствуваше лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски.

– Во времето на СДСМ вакви фабрики се затвораа, како што беше „Нонча Камишева“. Денеска со ново име, со нов сопственик Лутекс се отвора оваа фабрика. Слушаме прослава за новата фабрика, гледаме нови машини, гледаме весели лица на вработените, гледаме оптимизам кај оние лица кои чекаат да бидат вработени. Тоа е една крупна разлика меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, истакна Груевски, додавајќи дека му било чест да одговори и да присуствува на поканата.

Тој истакна и дека одлуката за инвестирање била донесена по неколку години дискусија и убедувања од страна на владините претставници.

-По неколку години дискусија и убедувања да дојде во Македонија на големо залагање на министерот Џери Наумоф и сериозна поддршка од потпретседателот на владата Владимир Пешевски, како и на другите министри во владата и сите оние кои што беа вклучени и нивните соработници, посочи Груевски.

Според него, компанијата Лутекс планира и нови инвестиции.

-Во моментот имаат производ кој што е индустриски текстил и кој ќе се користи во индустријата за мебел, во индустријата за чевли, во армиските униформи, полициски униформи, разни заштити од тероризам на луѓе и на се она што треба да се заштити. Ќе биде исто така користен и за седишта на автомобили и на места каде што е потребен индустриски текстил.

Вицепремиерот за економски прашања, Владимир Пешевски истакна дека владата изминатите години напорно работела за да се привлечат реномирани и квалитетни странски компании.

-Изминатите години работевме напорно со цел во земјата да привлечеме реномирани, успешни и квалитетни странски компании кои што освен што ќе отворат нови работни места, ќе придонесат со своето искуство и знаење во уште поинтензивен и побрз раст на економијата, истакна Пешевски.

 

 

 

27.05.2017 - 18:39

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега