Наумов: Кој е член на Конгресот на СДСМ останува тајна

Потенцијалниот кандидат за Претседател на СДСМ, Кире Наумов денеска се појави на Бихаќка. Имал средба со генералниот секретар на партијата Андреј Петров на која побарал увид во списокот со делегати во Конгресот на СДСМ како и можност да се обрати од партиската говорница на Бихаќка.
„Повод за денешната средба со секретарот на СДСМ беше писмото што го упатив во петокот. Како што знаете побарав да ми биде овозможено обраќање од партиската говорница и увид во листата на делегати на Конгресот. По однос на првото барање го прифатив образложението дека партиската говорница до Конгресот на СДСМ нема да ја користи ниту еден од потенцијалните кандидати за претседател на СДСМ. По однос на јавноста на составот на највисокиот орган на СДСМ, Конгресот, не слушнав ниту еден логичен аргумент зошто е донесена одлука за ставање на печат на партиска тајна . Јас, во овој момент, нема да навлегувам во тоа дека никој го нема списокот, но ќе истакнам дека Конгресот на СДСМ е највисокиот орган на СДСМ, кој не смее да биде тајна. Ако претседателот на СДСМ, составот на ИО, составот на ЦО, како органи согласно статутот, се јавно објавени на веб-страницата на СДСМ, тогаш нема ниту еден аргумент зошто највисокиот орган на СДСМ, а тоа е Конгресот, треба да биде тајна. Неговото ажурирање не смее да биде обвиено со превезот на таинственост, зошто тоа може да фрли сомнеж во постапката за избор на претседател“ - изјави Кире Наумов за медиумите по завршувањето на средбата.
Покрај Наумов, во трката за претседател на СДСМ влегоа и Зоран Заев, Зоран Јовановски и Игор Ивановски