Стевановска: За Воинот на коњ земав 65.000 евра

Медиумите претеруваат и ги зголемуваат моите хонорари. Јас учествував на конкурс за делата од Скопје 2014 и се гордеам со нив, вели во интервју за Вечер, Валентина Стевановска, авторката на споменикот на Александар Макдонски на плоштадот во Скопје.

„Вистината ја кажувам неколку години наназад, но мене никој не ме слуша. Медиумите си прават свои приказни, ме мешаат во политика, ги зголемуваат моите хонорари, но еве сега ќе кажам подетално за се и тоа што ќе го кажам е поткрепено со договори и докази и не сакам повеќе да говорам за хонорари, затоа што за мене тоа е понижување, излегува како да се правдам, а јас воопшто не сакам да се правдам за тоа што сум го сработила затоа што моите дела се гледаат, поставени се и точно се гледа се што сум сработила, јас од моите дела се гордеам. Сите идејни решенија и јас и моите колеги сме ги понудиле на конкурси кои јавно биле објавени и моите решенија биле селектирани од страна на стручни жири-комисии. Но, поради тоа што инсистирате еве да ви објаснам. Коњаничката скулптура на Александар Македонски од 14.5 метри до мечот, осум војници од три метри, два лава од 2.5 метри, релјефи од 225 м2 со длабочина до 20 цм, а тоа значи како да сум изработила цели фигури на релјефот затоа што е голема длабочината и сето ова го работев за 65.000 евра хонорар.  За изработка на овие модели ми беше потребно да изнајмам простор од 500 м2 со месечна кирија од 1.700 евра за кој што имам договор, вели Стевановска за Вечер

Таа вели дека самиот простор има тековни трошоци, струја, вода, комуналии и одржување. Додава дека ангажирала многу работници, асистенти и општи работници, како и материјали за моделирање, материјали за конструкции, материјали за лиење во негатив и позитив - гипс, полиестер и транспорт.

-Трошоци за еден војник од три метри заедно со мојот авторски хонорар кој е 10% е 14.000 евра односно само мојот хонорар е 1.400 евра. Вкупно за осум војници мојот хонорар е 11.200 евра. Трошоците за еден лав од 2.5 метри изнесуваат 15.000 евра од кој за мене за авторски хонорар се 1.500 евра. Вкупно за двата лава имам земено 3.000 евра авторски хонорар.  Трошоците за коњаникот се 192.000 евра од кои 10% односно 19.200 евра е авторски хонорар. Трошоците за релјефите кои беа многу комплицирани и се работи на кружна конструкција со дијаметар 7 метри за долниот релјеф кој што е во бронза и кружен релјеф со 4 метри дијаметар тоа се мермерните релјефи кои се поставени на столбот со длабочина од 20 см. се: За 105 м2 - 147.000 евра, односно 14.700 евра авторски хонорар За 120 м2 - 168.000 евра, односно 16.800 евра авторски хонорар. Вкупно мојот авторски хонорар за целата фонтана е 64.900 евра, вели скулптораката за Вечер.

Таа потенцира дека за ваков хонорар, за толку многу работа не би се нафатил да работи ниту еден уметник било кај нас или надвор од државата.

- Но јас ја прифатив работата затоа што за мене беше ова предизвик да се докажам како уметник. Тоа лесно може да се провери и во другите држави, како на Србија, Босна и Херцеговина, Хрватска, а да не зборувам за Италија и други земји каде уметниците за изработка на вакви дела добиваат многу повисоки хонорари. Тој што ја познава оваа работа, знае за што зборувам и што значи да се изработи едно монументално дело, вели Стевановска.

За проектот Воин - Филип втори вели дека претставува една целина од четири фонтани на кој што се поставени:  Филип втори - 13 метри, Три војници фалангисти - по пет метри поставени на фонтаната под Филип,  Три седнати скулптури по три метри, но исправени се со иста димензија како војниците од пет метри, Два лава во седечка положба од 3.5 метри,
Четири мајки со деца во седната положба од три метри, но кога би биле исправени се со димензии од пет метри, за споредба колку споменикот на Ченто. Четири коњи со релјефи со флорална декорација позади нив, Четири лава со релјефи со флорална декорација позади нив, Релјефи кои што се поставени на сите четири фонтани.

-Мојот авторски хонорар за сите скулптури поединечно е: За трите војници од пет метри ми беше исплатено хонорар од 63.000 евра односно за еден војник авторскиот хонорар е 21.000 евра. За двата лава по 3.5 метри хонорарот изнесуваше 34.000 евра, што значи еден лав е 17.000 евра. За седнатите фигури под војниците хонорарот изнесуваше 51.000 евра, односно за една фигура 17.000 евра. За мајките со деца хонорарот изнесуваше 68.000 евра вкупно, односно за една фигура 17.000 евра. За четири лава хонорарот изнесуваше 60.000 евра вкупно, односно за еден лав 15.000 евра. За четири коњи хонорарот изнесуваше 60.000 евра вкупно, односно за еден коњ 15.000 евра.  Воинот Филип втори од 13 метри го работев без хонорар.
Хонорарот за Христо Татарчев е 10.000 евра, додава скулпторката.

За Порта Македонија вели дека тоа беше проект во кој се плаќаа само трошоците без хонорари и на сите автори ни се даде награда од 500 евра за идејното решение.

-Сакам да напоменам дека сум автор на скулптурата Возљубени којашто се наоѓа во летниковецот на плоштадот Македонија која ја донирав на општина Центар, а исто така и на коњаничка скулптура на Борис Сарафов која што е поставена до МНР и е моја донација, односно донација на изработката на самата скулптура, а лиењето, бетонските работи, мермерот и монтажата ги донираа приватни фирми, вели Стевановска.

Целото интервју прочитајте го на Вечер

најчитано сега