„Се грижиме за топол дом“ успешно се спроведува
Во акцијата „Се грижиме за топол дом“ на Министерството за труд и социјална политика од почетокот на август до денес се јавиле над 250 хумани граѓани кои сакаат да донираат дел од својата покуќнина, изјави денеска во Охрид министерот за труд и социјална политика, Диме Спасов, кој искажа задоволство од одѕивот на граѓаните иако акцијата е на почеток.
Како што соопшти Министерството за труд и социјала политика, министерот Спасов заедно со претседателот на Советот на Општина Охрид Гордана Коњановска и секретарот Димитар Спасески, присуствуваше на голема донација на мебел, покуќнина и апарати за домаќинство од охридското семејство Лекоски.
- Секој ден се повеќе луѓе се јавуваат кои сакаат да донираат и да им помогнат на семејствата кои се во тешка состојба и социјален ризик, рече Спасов.
Донираниот мебел, покуќнина и апарати за домаќинство веднаш беа транспортирани во домот на социјално загрозените семејства Шемо и Алимоски.
Акцијата „Се грижиме за топол дом“, која започна да се реалзира од први август, ја спроведува Министерството за труд и социјална политика во соработка со општините, Градот Скопје и општините во Градот Скопје, Црвениот Крст на Град Скопје и Црвениот Крст на Република Македонија.
Имено, помошта и поддршката на социјално загрозените семејства е континуиран процес со кој Владата на Република Македонија преку Министерството за труд и социјална политика и останатите стратешки партнери излегува во пресрет во задоволување на потребите на лицата на коишто им е најпотребна помошта.
Со оваа Акција ќе се намали социјалниот ризик од социјално исклучување на граѓаните на државата во задоволување на основните потреби од покуќнина, мебел, бела техника, електрични апарати, апарати за домаќинство, опрема за деца, велосипеди и друго, стои во соопштението од Министерството за труд и социјална политика.
ФОТО: МИА