Иванов повика Собранието да одлучи за амнестија на учесниците во собраниските инциденти

„Ако постои добра волја од парламентот, посебно од парламентарното мнозинство, имајќи го искуството по 2001 година и ако сакаат да имаме помирување во државата, нека го покажат тоа на дело“, порача претседателот Ѓорге Иванов во интервју за емисијата „Само Вистина“ на Канал 5 телевизија, прашан за можноста за аболиција на учесниците во настаните во Собранието на 27 април.

„Сите тие емоции сето она што се случуваше, не доликува на земја која еве 26 години е независна. Меѓутоа имајте предвид дека ние во 2001 година имавме воен конфликт, па најдовме начин на помирување. Ако има доблест новите пратеници во новиот состав на собранието, ако сакаат да делуваат на смирување на општеството, да покажат акт на добра волја и помирување, нека го направат тоа што беше направено после конфликтот во 2001 година. Тогаш знаеме дека Собранието амнестира воени злосторници, ако можеле воени злосторници да се амнестираат зошто да не им се помогне на луѓе кои ги завела толпа или луѓе кои учествувале во нешто што е повеќе израз на емоции“, рече претседателот Иванов.

„Не можеме да ги споредуваме двете состојби, затоа што аболицијата е право на претседателот. Јас упорно тврдам до ден денес дека еден ден кога ќе се декласифицираат сите информации кои и претходеа на аболицијата, граѓаните ќе сфатат со што се сме биле изложени. Тоа не право на претседателот и никој не може да го оспори тоа право. Тие насилни дејствија оспоруваа право на претседателот дадено со Уставот. Тој проценил дека со тој акт може да дојде до помирување, затоа што помилувањето беше во функција на помирувањето, на македонско-македонски конфликт. Ако можевме 2001 година, кога имавме македонско-албански конфликт, да амнестираме воени злосторници, зошто сега лидери на партии, едни во јавното обвинителство, другите во специјалното обвинителство, да не бидат помилувани за да се помират. Но имајте еден факт во предвид – помилувањето не го опфаќа конфискувањето на нелегално стекнат имот и правата на трети лица. Така што, залудни се сите обвинувања дека јас, на некој начин сум помилувал криминалци. Секој што сторил зло дело, помилувањето не го ослободува. Помилувањето беше во функција на помирување, да можеме да ја надминеме кризата, која тогаш ја гледавме со сета нејзина длабочина и сериозност. Затоа, не можеме да го споредуваме тоа со ова што се случи во Собранието“, рече претседателот Иванов во интервјуто за Канал5.

 

 

 

17.05.2017 - 20:13

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега