Жерновски повторно најавува дислокација на спомениците од Скопје 2014

Градоначалникот на општина Центар, Андреј Жерновски повторно ја најавува можноста да се дислоцираат спомениците дел од Скопје 2014 кои се наоѓаат во општина Центар, јавува Алфа. На деншната седница на општинскиот совет на која се поставуваа пратенички прашања, Жерновски рече дека за тоа ќе одлучуваат граѓаните на референдум.

„Јас спомнав дислокација како можно решение доколку тоа биде прифатено од граѓаните. Тоа нема да биде на моја рака. Ако граѓаните одлучат на референдум да има дислокација тоа ќе биде за нас обврска. Ако решат дека нема да има, исто така ќе биде обврска“ - рече Жерновски.

Според него, тој и советниците на ВМРО-ДПМНЕ различно гледаат на проектот. Не знае дали Скопје 2014 привлекол голем број странски туристи, но би бил среќен да е така.

Ова е втор пат Жерновски да најавува дислокација на спомениците од Скопје 2014. Првиот пат наиде на остри критики од јавноста по што ретерираше.

16.08.2013 - 23:10