Средба на Груевски со Вернер Амон: Предвремени избори за брз излез од криза
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски заедно со секретарот за меѓународна соработка, Александар Николоски оствари средба со генералниот секретар на владеачката австриска народна партија, Вернер Амон и директорката за европски и надворешни работи на австриската народна партија, Моника Реинер.
На средбата стана збор за актуелната политичка состојба во државата, аспектите и начините за излез од неа, како и регионалните предизвици врзани со бегалската криза, и улогата на Македонија во нејзиното надминување, информираат од партијата.
Груевски посочи дека на Македонија и е потребен брз излез од кризата, а единственото ефикасно и брзо решение е организирање на предвремени парламентарни избори, заедно со редовните локални избори.
Тој посочи дека изборите се и решение за изборната измама која ја наметнува опозицијата, која со цел да дојде на власт по скоро одржаните избори прифати и одобри Тиранска Платформа, создадена во соседна држава, под покровителство на премиер од друга држава со многу спорни елементи за опстојувањето и задржувањето на унитарниот и граѓански карактер на Република Македонија.
Груевски истакна дека ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За подобра Македонија“ во парламентот го користат максимумот од она што деловникот и законот го дозволуваат и низ законска дебата со аргументи се спротивставува на прифатеното од страна на СДС, додаваат од партијата.
Во поглед на мигрантската криза Груевски посочи дека предизвикот останува и дека Македонија досега активно учествуваше во нејзино справување. За уште поголема ефикасност потребна е стабилна влада и излез од кризата, а изборите се најдоброто решение за тоа посочи Груевски.
Тој додаде дека стратешки приоритети на Македонија остануваат членството во ЕУ и НАТО алијансата.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа