ДУИ размислува за повлекување на потписите за СДСМ
Партијата на Али Ахмети размислува за можно повлекување на потписите за поддршка на владата во најава на Зоран Заев поради повлекувањето на лидерот на СДСМ од првичните позиции за платформата на Албанците, особено во делот за промена на државните симболи, за резолуцијата за геноцид врз Албанците, но и за унапредувањето на албанскиот јазик, истакна за „Дневник“ висок функционер на ДУИ.
Лидерите Заев и Ахмети вчера имале средба во Собранието и, според информациите, разговарале за можна деблокада на парламентот, но не се открива дали и кои сценарија се договорени во таа насока. Засега нема информации дали Ахмети лично му кажал на Заев за незадоволството во ДУИ.
Изворот на „Дневник“ од ДУИ додава дека Заев во последното интервју за српската телевизија „Н1“ ретерира од повеќе точки од албанската платформа, кои, според интегративците, веќе биле договорени. Токму поради ова, во ДУИ се револтирани и некои од функционерите притискале Ахмети да ја повлече поддршката за влада со Заев.
Во интервјуто Заев вели дека тоа што од нив како македонски партии се бара од страна на албанските партии е во рамките на Уставот и Рамковниот договор.
- Тоа што е испорачано преку таканаречената декларација на партиите на Албанците во суштина е унапредување на албанскиот јазик во општините во кои Албанците се повеќе од 20 отсто и тоа во делот на таблите на граничните премини, на некои споменици и на некои институции.
Во делот на чувствителните прашања ние веќе го изразивме нашето неприфаќање. Тие бараа да се отвори дебата за националните симболи - химната, знамето и грбот, но ние кажавме дека сме против тоа. Не се согласуваме ниту со прогласување геноцид врз Албанците, тоа апсолутно не ни е потребно - вели Заев.
Овие позиции, според функционерот на ДУИ, предизвикале реакции во партијата и револт кај албанската заедница.
- Се размислува да ги повлечеме потписите за поддршка на парламентарното мнозинство и нова влада. Заев ретерира од веќе договорени прашања од албанската платформа. Во таков случај Ахмети треба јасно да му даде на знаење дека доколку не се придржува на договореното, тогаш ќе нема ни парламентарно мнозинство ни влада и Заев нема да стане премиер - вели функционерот на ДУИ.
И други функционери на ДУИ потврдуваат дека ретерирањето на Заев предизвикало незадоволство и револт во партијата, но сепак не веруваат дека Ахмети ќе ја повлече поддршката за новото мнозинство и владата.
- Незадоволство има, но не до таков степен за повлекување на потписите. Незадоволство има и од нерешителноста на СДСМ и чекањето да се охрабри Заев да направи влада. Ахмети само во еден случај ќе ги повлече потписите и поддршката за Заев и тоа доколку Никола Груевски и Зоран Заев договорат заемна амнестија. Тогаш ДУИ нема да биде ни со ВМРО-ДПМНЕ ни со СДСМ - вели функционер на ДУИ.
Лидерите од новото мнозинство, Заев и Ахмети, и вчера на средба во Собранието разговарале за деблокирање на парламентот.
Потврда за средбата прво стаса од ДУИ, а потоа Заев лично потврди дека секојдневно е на линк со партиите од албанскиот блок за да се договорат дали да се вклучат во дебатата или да продолжат со молкот.
- Внимателно работиме на следните чекори за деблокирање на Собранието, избор на претседател, а потоа и мирен трансфер и гледаме да не направиме нешто што ќе му оди во корист на политичкиот противник - рече Заев.
Од СДСМ секојдневно најавуваат дека само што не е избран новиот претседател на Собранието. Една од опциите што ја турка СДСМ е највозрасниот пратеник Бранко Манојловски од ДУИ на паралелна седница во салата „Борис Трајковски“ да претседава со парламентот и да се избере Талат Џафери за нов претседател на Собранието. Дека секој момент може да се избере нов претседател на парламентот, вчера повтори пратеникот Љупчо Николовски.
- Секој ден е можен избор на спикер на Собранието. Тој ќе ги распише локалните избори и ќе го отвори патот за избор на нова реформска влада. И Ахмети и Заев се пратеници и како што до денес се среќавале, и од денес натаму има и ќе има средби на претседателите на партиите од мнозинството така што не е чудно секојдневно да има средби помеѓу Ахмети и новиот мандатар Заев - рече Николовски.
Но, од ДУИ и вчера повторија дека не влегуваат во сценарија кои може да предизвикаат дополнителна криза.
- Не е тоа операција за Бранко Манојловски. Апсолутно не би оделе на таков чекор. Иако ДУИ е партија дојдена од шума, ќе се придржуваме до легалистичките чекори. ДУИ нема да биде дел од сценарио што ќе долева бензин на огнот - вели функционерот
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа