До крајот на неделава можен договор за нова бугарска Влада

До крајот на оваа недела ќе бидат утврдени параметрите кои ќе претставуваат основа на новата стабилна влада предводена од Бојко Борисов, изјави денеска потпретседателот на партијата Граѓани за европски развој на Бугарија (ГЕРБ), Цветан Цветанов.

ГЕРБ на Борисов, која победи на неодоамнешните предвремени парламентарни избори во Бугарија, минатата недела започна преговори за формирање нова влада со коалицијата Обединети патриоти (ОП).  

Како што јави БТА, по денешната рунда разговори меѓу претставниците на двете страни, Цветанов изјави дека досега е постигнат целосен консензус околу прашањата за безбедноста, енергетиката, туризмот и спортот. 

Еден од лидерите на ОП, Валери Симеонов, пак изјави дека на денешните преговори двете страни ги приближиле ставовите и околу прашањето за пензиите, но одби да прециизра дали неговата коалиција се откажала од ветувањето дадено пред изборите за минимална пензија од 300 лева (150 евра).

Цветанов и Симеонов изјавија дека во досегашниот тек на разговорите не станало збор за распределбата на министерските ресори, нагласувајќи дека прво работат на усогласување на владината програма, а дури потоа ќе стане збор за персоналниот состав на кабинетот.    

Тие нагласија дека се уште не се утврдени ниту имињата на претседателот на Народното собрание, ниту на новиот бугарски еврокомесар.

Цветанов најави дека за утре е предвидена средба на претставници на ГЕРБ со делегација на втората по големина политичка сила во Парламентот, Бугарската социјалистичка партија (БСП), на која ќе стане збор за претстојното претседавање на Бугарија со ЕУ. На оваа тема ГЕРБ в среда ќе разговара и со партијата на бугарските Турци, Движењето за права и слободи 

 

 

 

10.04.2017 - 18:26

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа