Доналд Трамп со фес на главата на арапските социјални мрежи е наречен „Абу Иванка ал Амреки“
Одлуката на американскиот претседател Доналд Трамп да се изврши ракетен напад врз сириски воен аеродром, како одмазда за нападот со „хемиско оружје“ во Идлиб, што е под контрола на бунтовничката опозиција, предизвика различна реакција во јавноста на арапскиот свет.
За Арапите-сунити, Трамп, кого до пред извесно време го осудуваа поради забраната за влез во САД на патници од шест муслимански земји, сега ја поздравуваат одлуката да му се нанесе удар на Башар ал Асад и неговата армија. Муслиманите, шиити, пак, ја осудуваат интервенцијата против Асад, за кого велат дека се бори против тероризмот на разните (сунитски) групи.
На арапските социјални мрежи, Трамп од сунитите е промовиран во „Абу Иванка ал Амреки), што значи „таткото на Иванка (Трамп) Американецот“, а на Твитер и на Фејсбук се појавија фотографии, на кои на главата на американскиот претседател, со монтажа на сликата, е поставен фес.
Арапските весници, што ги пренесуваат медиумите во Лондон, забележуваат некои карактеристични пофалби за Трамп, за кого се вели дека е „човек од збор“ и дека за само два месеци го направил она што неговиот претходник, Барак Обама не го направи за осум години.
Станува збор за одлуката на Обама, САД воено да не интервенираат во Сирија за да не се случи Американците да бидат вовлечени во вековниот сунитско-шиитски спор на муслиманите.
Тоа започна во Ирак, по интервенцијата од 2003 година, кога потиснатите мнозински шиити, ја презедоа контролата од малцинските сунити кои со години управува со земјата , со суровите методи на Садам Хусеин, а сега е максимално распален во сириската граѓанска војна, низ која шест години, локалните сунити,се обидуваат да ја преземат контролата од малцинските шиити.
Критичарите на ноќешниот напад, од редовите на шиитската заедница во регионот, остро го осудуваат Трамп што се замешал во блиско-источните работи, бомбардирајќи првпат воен објект на владата во Дамаск.
Блогер од Бејрут таквата одлука на Вашингтон ја објаснува со навиката на американските претседатели, кога имаат проблеми дома (како Трамп сега со бројните истраги за врските со Русија) да се покрене воена интервенција на Блискиот Исток.
Друг коментарор на интернет, чија критика за Трамп ја пренесуваат западните медиуми, забележува дека нападот на аеродром на асадовите сили не значат дека САД наеднаш ги засакаа Сиријците, или искрено жалат за настраданите и за сите досегашни жртви на насилството во Сирија.
Според британските медиуми, најголема поддршка и одобрување за Трамп и неговата одлука да се бомбардираат сириските позиции, има од Сиријци во Британија и во САД.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа