ДУИ размислува за лидерска средба - СДСМ нема план за деблокада на Собрането
Парламентарното мнозинство засега нема стратегија како да ја забрза собраниската седница за избор на Kомисијата за избори и именувања, за конечно да го избере и новиот претседател на Собранието. Ни по вчерашната координација кај претседавачот со конститутивната седница, Трајко Вељаноски, пратениците ништо не се договориле пишува Дневник.
Ова значи дека не важи ни претходниот став на Вељаноски да ги забрани процедуралните обраќања на пратениците. Според тоа, и натаму седницата за избор на Kомисијата ќе продолжи со пратеничките говори, реплики, контрареплики и процедурални барања. Засега е неизвесно кога седницата за избор на Kомисијата ќе заврши, бидејќи од 57-те пријавени пратеници за говор и по четиридневна расправа говореле само тројца пратеници.
Извори од координативниот состанок велат дека Вељаноски предложил пратениците да се откажат од процедуралните барања. Иако првично од ВМРО-ДПМНЕ го прифатиле предлогот, договорот пропаднал откако СДСМ и ДУИ побарале освен од процедуралните забелешки, пратениците да се откажат и од репликите. Ова од собраниска говорница го потврди Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ.
- Иако се согласив ние да се откажеме од процедуралните говори на координацијата, гледам дека тоа не се почитува. СДСМ искористиле 15 процедурални, а ние 8 - рече Димовски. Пред координацијата претседавачот Вељаноски упати апели до пратениците да се откажат од постојано пријавување за реплики, контрареплики и за процедурални говори. Оливер Спасовски од СДСМ рече дека е точно оти дискутирале да не се злоупотребуваат процедурални забелешки, но дека се договориле и други работи.
- Му предложив на претседавачот дека за сето тоа што не е тема на разговор да му се одземе зборот на говорникот и да не се злоупотребуваат процедуралните забелешки. С` во интерес на граѓаните на Македонија, и тоа претставува наша обврска.
Доколку немаме договор, ќе се случува исто како и сега. Секој ќе се јавува процедурално, и ќе зборува за ланскиот снег - рече Спасовски. Неофицијално, како можен излез од блокадата на конститутивната седница од ДУИ се размислува за евентуална лидерска средба. Но, ваквата опција е неприфатлива за СДСМ. Дознаваме дека ДУИ денеска во Мала Речица ќе одржи состанок за можен излез од ситуацијата, за блокадата на конститутивната седница и за стратегија да се забрза изборот на претседател на Собранието. За СДСМ и за ДУИ не е решение ни опцијата што деновиве повторно ја актуализираат Беса и некои аналитичари, како можен излез од блокадата на Собранието.
Сугестиите се интегративците да излезат од Влада, да се изолира ВМРО-ДПМНЕ и Собранието да гласа за оставките на министрите на ДУИ. Но, дилемата е колку ваквите размислувања се издржани, бидејќи министрите на ДУИ, како, впрочем, и целата влада, се во оставка од распуштање на Собранието, па произлегува дека би требало да поднесат оставка и за тоа да се гласа во законодавниот дом за министри што веќе се во оставка, за што се изјаснил претходниот собраниски состав со чинот на распуштање.
Оставките на министрите на ДУИ неминовно водат до предвремени избори. Ние сметаме дека изборите не се решение. Во случај нашите министри да излезат од Владата, позициите на ДУИ ќе ги заменат заменик-министрите од ВМРО-ДПМНЕ и тоа дополнително ќе ја продлабочи институционалната криза, оставајќи ги Албанците без свои претставници во институциите - ни изјави Бујар Османи, портпарол на ДУИ. И од СДСМ велат дека тоа не е решение, бидејќи министрите на ДУИ ќе бидат заменети од заменик-министрите на ВМРО-ДПМНЕ
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа