Груевски на средби со европски лидери на Конгрeсот на ЕПП на Малта

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски на вториот ден на Конгресот на ЕПП на Малта, каде ја предводи партиската делегација, оствари билатерални средби  и разговори со повеќе претставници од Европската Унија, како и политичари од Европската народна партија на кои ги образложил состојбите во Македонија и побарал поддршка за излез на земјата од кризата.

Како што информираат од ВМРО-ДПМНЕ, Груевски се сретнал со претседателот на Сoветот на Европа Доналд Туск,  со претседателот на Европскиот Парламент Антонио Тајани, со претседателот на Форца Италија Силвио Берлускони, како и со повеќе европратеници и политички лидери.

- Денеска покрај следењето на Конгресот и интересните дебати кои што беа овде во Малта имавме можност да се видиме со повеќе политичари од Европа, со луѓе со кои што е добро да се зборува за Македонија, за стратешките интереси на државата, за нашите интеграции, како и за домашните политички случувања во кои сме доведени поради се она што СДСМ го направи во изминатиот период. Ова беше добра можност да се образложат состојбите, да се дадат точни информации и да се побара понатаму поддршка за Македонија за излез од кризата. Ова беше разговарано на повеќето средби вклучувајќи ја и онаа со претседателот на Европскиот совет Доналд Туск, потоа за мигрантската криза и за други значајни работи за Република Македонија, изјави Груевски.

Во обраќањата пред Конгресот, на кој присуствуваат шефови на влади и држави, меѓу кои челниците на ЕУ, германската канцеларка Меркел, шпанскиот премиер Рахој и други европски политичари, премиерот на Унгарија Виктор Орбан испрати порака дека потребна е стабилност на Балканот и во Македонија, а таа не е можна без Груевски, и прати порака дека излезот се брзи избори што претставува стратешки интерес на Унијата.

- Ако милиони мигранти почнат повторно да маршираат на Балканот невозможно е да се одржи стабилност. Македонија не може да биде стабилна без партијата на Груевски. Стабилноста на Балканот бара нови избори во Македонија што е можно побрзо. Ја поздравувам Резолуцијата за натамошно проширување на ЕУ и клучно е за стабилноста започнување на преговори со Македонија, изјави Орбан.

Порака на поддршка во име на Европската народна партија испрати и словечекиот лидер Јанез Јанша.

- Како семејство на Европски народни партии секогаш ќе продолжиме да ги подржуваме нашите сестрински партии во Европа и непомагајќи им на левичарите да ги уништуваат некогаш со селективна правда, со парите на Сорос ризикувајќи ја стабилноста во целиот регион како што тоа сега се случува во Македонија, изјави Јанша пред европските лидери и раководството на Европската Народна Партија.

Инаку, на Конгресот во Малта се усвоија повеќе резолуции и декларации. Една од нив е и документот „Европа ја обезбедува иднината“ во кој е вклучен и Западниот Балкан. Во оваа Резолуција изрично стои дека државите од Западниот Балкан во кој спаѓа и Македонија мора да бидат интегрирани во Европската Унија.

- Скорешната историја ни дава посебна одговорност за Западниот Балкан. Единствено интеграција во ЕУ може да обезбеди сигурност од конфликтност и дезинтеграција, стои во Резолуцијата.

Во неа се наведува и дека целосно членство во ЕУ не значи само партнерство туку и градење други форми на соработка од најразличен карактер со кој ќе се зацврсти и самата Унија.

Во составот на делегацијата на ВМРО-ДПМНЕ, која на Конгресот во Малта ја предводи лидерот Никола Груевски, се и членовите на Извршниот комитет на партијата Никола Попоски, Влатко Ѓорчев и секретарот за меѓународна соработка Александар Николоски.

 

 

 

30.03.2017 - 16:31

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега