Протестен марш и во Неготино
Протестен марш и вечерва се одржа во Неготино, пред присутните говореше одделенската наставничка Елена Стојанова. Таа рече дека со маршот се дава поддршка во искажувањето на бунтот и револтот кон оние кои не сакаат да го слушнат гласот на народот. Ама народот станува се погласен и погласен и сакале или не, нагласи, мораат да најдат начин да го смират ова бунтување кое го создадоа тие.
- Отфрлање на тиранската платформа, коалиција понудена од ВМРО-ДПМНЕ или нови избори, за кои сметам дека се најдобар избор. Сметам дека освен овие три работи, ништо друго нема да ја подобри ситуацијата во Македонија, додаде таа.
Нагласи дека се залагаат за зачувување на унитарноста на Република Македонија. -Доста беше со навредите и понижувањата кои ги трпевме. После толку време, кога светот не призна како Македонци, како Република Македонија, некој ќе не негира до таа мерка дека и воопшто не сме постоеле, па и дома да ни кажува како да се викаме и кој јазик да го зборуваме, рече меѓу другото Стојанова.
Таа ја нагласи историската улога на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ кои не смеат да дозволат да се избере претседател на Собранието кој нема да се откаже од тиранската платформа. Побара побрзо разрешување на кризата.
- Јазикот е наш, македонски, таков ќе остане на територијата на целата наша држава. Затоа да се бориме сплотени да го сочуваме јазикот како обележје на нашите народ, нација и држава. Се знае на кој јазик се зборува во оваа држава и на кој јазик ќе се зборува, а тоа е македонскиот, додаде Стојанова.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа