Собранието ја продолжи дебатата за избор на Комисијата за избори и именувања

 

Собранието по едночасовна пауза побарана од координаторот на пратеничката група на БЕСА Африм Гаши ја продолжи работата по изборот на претседател, заменик на претседателот, членови и нивни заменици на Комисијата за прашања на изборите и именувањата.

Конститутивната седница на Собранието на Република Македонија беше прекината со цел да се свикаат претставници на  политичките парии за да се договорат како ќе се продолжи со работа.

Во дебатата Африм Гаши  ги повика пратениците  на разумност и да се оди на постепено затворање на техничките постапки. 

- Ние сме тука и ги застапуваме интересите на сите граѓани. Два милиони луѓе чекаат да видат какви одлуки ќе донесеме ние. Многу сме далеку од избор на претседател, влада...., да бидеме разумни и постепено да почнеме да ги затвораме техничките постапки, рече Гаши.

Попладневно во дебатата преовладуваа дискусии околу тиранската платформа и употребата на јазиците. Претениците од ВМРО-ДПМНЕ побараа од пратениците на СДСМ да го претстават договорениот закон за јазиците со албанските партии во земјава, додека од СДСМ забележуваа дека треба да се дебатира за составот на Комисијата. 

- Пред да поминеме на каква било друга постапка да го видиме договорениот закон за јазици, не заради нас, туку заради граѓаните, рече Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ.

Неговата сопартијка Нада Ципушева, исто така, потенцира дека треба СДСМ да даде одговор на граѓаните што содржи законот.

Петре Шилегов повика најпрво да се избере претседател во Собранието и влада, која потоа во собраниска процедура ќе го изложи тој закон, кој како што рече, ќе ја штити многу повеќе Македонија.

Томислав Тунтев од СДСМ побара од претседавачот да го одзема зборот на секој пратеник кој го узурпира времето со дебата која нема врска со точката на дневен ред. - Ова е точка за Комисијата за избори и именувања, вели Тунтев.

Љубен Арнаудов од ВМРО-ДПМНЕ праша зошто е поставена табла на албански јазик на ПИОМ во Охрид. Пратениците од СДСМ, пак, укажаа на двојазични табли на Македонски пошти и на Фондот за здравство.

Тунтев истакна дека она што пречи е селективното спроведување на законите.  - Немам проблем со знамиња, со јазици. Ние тврдиме нема никаква платформа има програма на новата влада на РМ во која се артикулирани барањата од мнозинството граѓани, над 700.000 граѓани на изборите и таа артикулација е без никаква промена на Устав, рече Тунтев.

Џевад Адеми од ДУИ побара повеќе позитивен и афирмативен пристап и да се внимава какви пораки се испраќаат од Парламентот. Тој потенцира дека ова е држава и на Албанците и оти со пишано име на албански јазик не се руши држава.

На оваа седница на дневен ред е и избор на претседател на Собранието на Република Македонија

 

 

 

28.03.2017 - 17:45

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега