Иванов до Хан: Јас кажав што имам да кажам - сега слушнете го народот
Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, реши да не да оствари средба со еврокомесарот за проширување Јоханес Хан, информираа вчера од Kабинетот на претседателот.
Од таму изјавија дека претседателот Иванов, кој завчера престојуваше во работна посета на Унгарија, во Македонија се очекуваше да се врати вчеравечер, при што нема можност за средба со еврокомесарот Хан.
Дека Иванов во својата агенда не планирал средба со еврокомесарот Хан и со тројцата европратеници уште во петокот му било соопштено на амбасадорот Самуел Жбогар, велат од Kабинетот на шефот на државата.
- Претседателот Иванов своите ставови веќе му ги соопшти на еврокомесарот за проширување Јоханес Хан на нивната последната средба на 10 февруари 2017 година и тие остануваат непроменети. Претседателот Иванов јасно и недвосмислено порача дека нема да определи мандат, без претходна јавна осуда и отфрлање на платформата од Тирана - се вели во соопштението од Kабинетот на Иванов.
Од претседателскиот кабинет соопштија дека претседателот Иванов предвидениот термин им го отстапил на претставниците од граѓанската иницијатива „За заедничка Македонија“, кои бараа средба со Хан.
- Добро е еврокомесарот да се запознае со аргументите и причините поради кои македонските граѓани протестираат повеќе од дваесетина дена - велат од Kабинетот на Иванов.
Претседателот Иванов завчера престојуваше во работна посета на Будимпешта каде што имаше средби со претседателот на Унгарија, со премиерот и со претседателот на унгарскиот парламент. Познато е дека на февруарската средба во Скопје македонскиот претседател му кажал на еврокомесарот дека не е задоволен што нема јавна осуда за мешањето во внатрешните работи на Република Македонија од страна на некои соседни земји. Во таа пригода Иванов истакна дека како и досега, така и во иднина, ќе постапува во рамките на Уставот и во интерес на државата и на граѓаните на Република Македонија.
- Претседателот истакна дека очекува од новата влада да има два клучни приоритета: прво, заштита на државните интереси на Република Македонија, што подразбира зачувување и зацврстување на унитарниот карактер на државата. Второ, системска реформа по кризата, во која ќе бидат опфатени субјектите на системот за национална безбедност на Република Македонија - соопшти тогаш Kабинетот на Иванов.
Во таа пригода шефот на државата уште еднаш укажал дека нестабилноста во политичкиот живот и тензичноста во меѓуетничките односи се последица на предолгиот статус кво на Република Македонија и побара поактивен ангажман и поддршка од комесарот Хан. Kомесарот Хан, според соопштението од претседателскиот кабинет, истакнал дека постои зголемена свест меѓу државите членки на ЕУ за неопходноста од деблокада на интеграциите и за таа цел е потребно формирање влада која ќе биде посветена на европските интеграции. Хан тогаш дојде во Скопје за да учествува на состанокот на министрите за енергетика од Западен Балкан и на министерскиот состанок на земјите од Западен Балкан, а имаше и одделни средби со лидерите на политичките партии застапени во парламентот
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа