Заев и денеска пред обвинител
Лидерот на СДСМ, Зоран Заев, денеска повторно треба да се појави во Основното јавно обвинителство-Скопје кое отвори предмет против него под сомнение за злоупотреба на финансиски средства и за лажирање на финансискиот извештај за последните предвремени парламентарни избори што се одржаа лани во декември.
Заев минатата недела беше на распит во ОЈО-Скопје, а по излегувањето од зградата изјави дека денеска треба да направи увид во доказите.
- Повикани сме под сомнение за злоупотреба на изборна кампања во 2016 година. Договорени сме в среда во 12 часот, согласно постапката, да направиме увид во доказите за да можеме да ја дадеме нашата одбрана. Како што знаете, овде сме да ја докажеме нашата невиност, почитувајќи ги институциите, да ја докажеме невиноста како организатори на изборната кампања - изјави Заев минатата недела.
Под истрага на Обвинителството освен Заев е и едно вработено лице во администрацијата на СДСМ и правното лице СДСМ.
- Се работи за истрага. За кои дела станува збор, не би коментирал, во овој дел од постапката од адвокатот сум поучен дека не треба да зборувам за деталите. Како што знаете, СДСМ има јавно објавен ревизорски извештај од Државниот закон за ревизија и апсолутно нема никакво сомневање во него - рече Заев.
Во понеделникот на распит беше повикан и генералниот секретар на СДСМ, Оливер Спасовски. Тој не се појави во Обвинителство затоа што не примил покана. Од Обвинителство, пак, рекоа дека тој бил уредно повикан.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа