Четирите политички партии ќе се сретнат во Собранието - денеска конститутивна седница
Во македонското Собрание денеска напладне треба да се одржи координативна средба на претставници на парламентарните групи на која треба да биде утврден предлогот за состав на Комисијата за прашања на изборите и именувањата како предуслов за закажување на продолжение на конститутивната собраниска седница.
Како што информира во петокот претседавачот со Конститутивната седница на деветтиот парламентарен состав Трајко Вељаноски, средбата е закажана согласно консултациите со овластени претставници на парламентарните партии, а по иницијативата поднесена од СДСМ поткрепена со потписите на 67 пратеници за продолжување на Конститутивната седница.
Според Деловникот на Собранието, Комисијата за прашања на изборите и именувањата се избира на Конститутивната седница на Парламентот на предлог на најмалку 10 пратеници, а нејзиниот состав треба да обезбеди соодветна застапеност на пратениците од политичките партии застапени во Парламентот.
Оваа Комисија или најмалку 20 пратеници може да предложат кандидат за претседател на Собранието, а предлагач може да биде и пратеник.
Конститутивната седница на Собранието се одржа на 30 декември, но беше прекината бидејќи не беше обезбедено парламентарно мнозинство за избор на претседател на Законодавниот дом.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа